Македонија
Мицкоски: СДС се сведе на застапник на бугарската пропаганда во Македонија и е рака за спас на ДУИ и на Ахмети на следните избори
Наспроти нашите напори и борби имаме опозиција која боледува од вирусот на безидејноста, која не извлече ниту една лекција зошто се таму каде што се и во таква една ситуација толку се слаби што во овој момент некогаш големата СДСМ се сведе да биде застапник на одредени бугарски интереси и да е нивна продолжена рака, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски на синоќешната трибина насловена како „Образование и социјална политика, ги градиме темелите на промените“ која се одржа во Кичево, а во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски се осврна на уште еден момент кога станува збор за опозицијата.
„И втората работа, да се борат на овие избори не со тоа тие каков концепт ќе понудат, туку да работат по секоја цена ДУИ да има добар резултат за да ја спасат кариерата на Ахмети. И за овие две работи кои ги тврдам има и конкретни чекори кои ги преземаат“, посочи Мицкоски.
Мицкоски укажа дека тие најгласно зборуваат за уставните измени и спроведуваат пропаганда на Бугарија во Македонија.
„Видете кој најгласно во Македонија зборува за уставни измени, чии полуги слугуваат на оние пропагандни и пред се лажни текстови каде бројат измислени пасоши за македонски политичари. Без задршка, без ограда излегува Филипче и зборува дека ќе вметнел Бугари во Устав“, кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека му е јасно зошто ја отфрлиле секоја подадена рака од негова страна за државно единство за националните прашања.
„Затоа што во СДСМ политичарите се на дугме. И тоа го прават притиснати од својата безидејност. И затоа толку на ниско ниво ја водат политиката. Нема несреќа која не ја злоупотребија и судбина која не ја искористија. Нема пожар за кој не направија прес-конференција па дури и тогаш кога мистериозно е подметнат. Тие се водат од тоа колку полошо за народот толку подобро за СДС. Значи вниманието кон себе не го вртат со работа или труд, туку со поделби, со омраза и слугување. И затоа тие кога знаат дека не се конкурентни со работа, идеи и концепти, нивната задача е ДУИ да го помогнат на овие избори“, укажа Мицкоски заклучувајќи „затоа станаа нивен изведувач во политиката, за да спасат кариери, но така спасуваат и бизниси кои си ги почнаа додека беа на власт. Затоа народот не им верува и затоа немаат доверба, неодговорно е таквото однесување кон самите себе но и кон нашата татковина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

