Македонија
Мицкоски: Секој втор збор на Владата е лага
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчеравечер имаше средба со граѓани во Куманово. Во своето обраќање тој посочи дека во моментот владее политичка Влада на која секој втор збор што го кажува ѝ е лага. Според него, единствено што добија граѓаните се разочарувања и неисполнети ветувања.
„Го слушам Зоран Заев како гордо им кажува на граѓаните да не се плашат ќе го наполни буџетот и ќе обезбеди 3,2 отсто раст, а токму денес излезе податокот за растот на БДП во првиот квартал и тој е еднаков на 0,1 отсто. Имајќи ги предвид капацитетите и нивната креативна моќ за лажење, и ова 0,1 отсто не е за верување, можеби бил негативен, па морале да го штелуваат“, истакна Мицкоски.
Во врска со изјавите на Заев дека одлична е наплатата на ДДВ и персоналниот данок, потенцира дека тоа е поради странската инвестиција што ја донесе владата на ВМРО-ДПМНЕ, „Џонсон Мети“, и која оваа година во буџетот на Република Македонија, откако ѝ заврши десетгодишниот договор за повластени даночни стапки, уплати повеќе од 30 милиони евра, пари кои ќе помогнат граѓаните да земаат плати и пензии.
„Сите се сеќаваме како Заев и оваа армада неспособници околу него толку силно ги напаѓаа странските инвестиции. Сега е јасно зошто. Во странските компании се напредува по мерит-систем, секој оној што вреди, ќе даде максимум, оној што поседува знаење и техники, ќе напредува. Тоа на Евро Заев му е непозната равенка, тој е навикнат на тендери, на хектари земјишта, на плантажи со марихуана и камионите од неговата семејна фирма“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ цело лето, есен и зима ќе биде на средби со граѓаните во цела Македонија и слушајќи ги нивните барања, ќе се добие програма што ќе ги реши вистинските проблеми на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

