Македонија
Мицкоски: Сите функционери во нашата партија мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку служба
ВМРО-ДПМНЕ е продолжение на историското ВМРО, основано во 1893 година, кога нашиот народ, иако под туѓи потчинувања и под притисоци, се бореше за својот идентитет, за слобода, за правда. Ние сме оние кои што ја продолжуваме таа светла и чесна мисија, кои не ги забораваме корените, ни темелите на кои е изградена македонската државност. Не треба никој да заборави дека тоа се темели изградени со човечки страдања, со крикот на илинденците и победата на асномците, со заветот на комитите и војводите, со плејадата мажи и жени кои гинеле за нашата слобода, кои поразите ги надминувале со пркост, а до победите доаѓале со надеж и непобедлива волја. Она што оваа партија ја разликува од другите е нејзината непоколеблива вера во народот, во неговите вредности и во правдата како наш најсилен стожер, изјави премиерот Христијан Мицкоски на синоќешниот настан за одбележување на 35-годишниот јубилеј од основањето на партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ за многумина е партија, но и за многумина од нас е пред се идеја што не запира и вредности кои носат промени. Тие промени ја донесоа независноста, таа жед за своја држава донесе да учествуваат во создавањето на темелите на државата, кои многупати потоа беа силно разнишувани, разјадувани и имаше обиди да бидат уништени. Но ние не се откажвме. Затоа што верувавме во нашата идеологија и затоа што си ја сакаме нашата татковина. Но, мораме да признаеме – периодот што го оставивме зад нас не беше лесен. Последните седум години, беа години на катастрофално владеење од страна на СДСМ и ДУИ, полни со корупција, предавства и разнишување на нашите институции. Институции кои беа столбови на државата, за жал, беа рушевини. Вербата на народот беше разнишана, економијата заглавена, политичарите потонати во корупција, стандардот на граѓаните паѓаше од ден на ден. Луѓето беа разочарани, уморни, полни со апатија, страв и неизвесност. И токму поради ова, нашиот влез во Владата пред една година беше повеќе од промена на една обична владина гарнитура. Тоа беше нов почеток и потврда дека народот не заборавил, дека народот не се откажал, и дека сега почнуваме да градиме темели – темели на промени, темели на чесност, темели на работа и темели на правда“, рече Мицкоски.
Според него, најскапата работа што еден човек може да ја остави на своите потомци, не се парите, не е имотот, туку честа и чистиот образ.
„Како што мудро знаат нашите да кажат, не смеат функционерите да заборават дека: макадамот по селата и улиците е повистински, и поавтентичен и помек од килимот по скапите хотелите и канцелариите. И тоа е така поради реалноста која ја има во себе и чекорот на своите сограѓани кои чекорат по него, а фотелјата е секогаш понеудобна од гајбата пред кооперација, поради тоа што таму извира твојата моќ и твојата цел. Токму затоа, сите функционери во нашата партија мора да бидат свесни дека ова што го работиме не е лична игра, туку служба. Клупата во вашите маала е таму кај што мора да знаете дека еден ден пак ќе се вратите и ќе мора луѓето таму да ги погледате во очи и со гордо крената глава да им одговорите, јас го направив тоа за вас, јас се борев за вас, и да не се срамите и да се криете од нивните прекорни погледи“, рече Мицкоски.
Несовесното седење во фотелјата, додаде тој, носи срам и разочарување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.
Македонија
Сали во официјална посета на Украина: посетата има за цел размена на искуства за европската интеграција и поддршка за Украина
Утре првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе престојува во официјална работна посета на Киев, Украина.
Во рамки на посетата, Сали ќе учествува на заедничка комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, и ќе оствари повеќе средби со високи претставници на украинските институции задолжени за европската и евроатлантската интеграција.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка, размена на искуства во процесот на европска интеграција и изразување поддршка за Украина.

