Македонија
Мицкоски со писмо до народот: Ви ветувам макотрпна работа и обнова на државата
Кус е периодот во кој можевте да ме запознаете, да стекнете впечаток за мене и за она што го преставувам и за што се залагам. Знам дека политичарите кои добро ги познавате, силно ве разочарале. И не ви велам безрезервно да ми верувате, но тврдам дека од вашата одлука зависи дали ќе заминат тие кои ве разочарале, и поради кои со право се чувствувате резигнирано кон политиката, или ќе продолжи оваа неподнослива и грда реалност, вели во писмото Христијан Мицкоски.
„ Вашиот глас ги менува работите. Со негласање им давате право на оние кои ве разочарале да продолжат тоа да го прават. Вашиот глас, пак, ни дава шанса нам, новата генерација политичари, политичари без хипотеки, да ги менуваме работите. Нам ни треба држава и власт која ќе ви служи вам.
И нема идеална влада. Јас не ви ветувам чуда, но ви давам збор дека ќе работиме макотрпно и дека сигурно ќе бидеме подобри од оние што сте ги гледале досега. Зашто ниеден успех не дошол без труд и многу пот, многу откажувања и упорност. И не е коцкање ако изберете некој непознат кој ветува успех, но е прокоцкување на сопствената иднина кога му давате втора шанса на некој кој продолжува да губи и да ве разочарува.
Не живеете подобро. Тие сакаат да ја поткопаат самодовербата на народот за полесно да управуваат. Сакаат да ви влеат сомнеж и да нè извалкаат нас новите во високата политика за да се одлучите за помалото зло. Но, ова не е игра на поголемо и помало зло, туку промена која ќе донесе повеќе победи и заеднички успеси, зашто сигурно е дека со нив нема да биде подобро.
Постојат стотици причини зошто да не гласате за власта, а јас ќе ви дадам неколку силни причини зошто треба да го заокружите бројот 14 и да гласате за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Мора да си ја обновиме земјата, економски, политички општествено. Принципите и вредностите да станат начело по кое ќе се раководат политичарите. Потребни се пари за народот, а тоа ќе овозможи подобра иднина, остварување на соништата за силна држава.
Запрашајте се добро кому би му дале да ја изгради вашата куќа? На оној кој само ви ветува дека ќе ја изгради најубаво, а никогаш не ставил тула, или, пак, на оној кој знаете дека работи и вистински е подготвен за најдобрите резултати. Не смееме да се помириме со просечноста, туку мора да работиме за најдобри резултати во секое поле.
Триесетина години, од независноста до денес, лојални сте кон Македонија, време е таа сега да ви врати.
Како човек и како личност со име и чест врз која се потпира моето име, се обврзувам пред вас на обнова која ќе донесе подобрувања во првите сто дена од новата влада. Се обврзувам пред работниците да добијат поголеми плати, пред невработените да им обезбедиме работа која ќе им овозможи пристоен живот и извесност. Пред пензионерите се обврзувам да добијат повисоки пензии и помалку грижи во миговите од животот кога мирот им е најпотребен. Пред земјоделците да имаат платен труд, конечно да бидат свои на своето, а пред стопанствениците се обврзувам да обезбедиме пониски трошоци за правење бизнис, помалку даноци за државата, а повеќе пари за работниците. На младите им велам доаѓаат подобри времиња. Се обврзувам да обезбедиме општество ослободено од политички притисоци, кое ќе се темели на европските вредности и правда. Македонија е Европа, а заедно ќе ја направиме и членка на ЕУ.
Ви ветувам дека ќе се борам за правда, а тоа значи за ред, права, но и одговорност. Не смееме да дозволиме пред криминалот да се замижува, а криминалците да поминат неказнето. Сите сме еднакви пред законите. Пред словото на правдата ниту моето ниту името на кој било политичар не смее да значи повеќе од чие било друго име.
Испраќам порака до вас кои сте разочарани од политичарите, од трулежот на системот, до вас кои не гледате излез и мислите дека сите се исти. Не се сите исти. Ние сме различни. Ова е последната шанса за спас на Македонија. Спас на државата која ја создале нашите предци, а наша обврска е да ја зачуваме. Ќе се обратам и до симпатизерите и разочараните членови на СДСМ како и припадниците на обоената револуција, добро знаете дека ова што го имате денес не е она за што се боревте, а вие не робувате на работи кои се заробени.
Ако сте размислувале да гласате за помалите партии, ви порачувам дека глас за помалите партии е глас за власта. Сега е време за одговорот. Излезете и гласајте, важно е да се гласа, да го чуе Македонија вашиот глас. Од вас зависи сè. А јас сум тука за вас како човек без хипотеки. Човек кој целиот свој живот го поминал во науката и во приватниот сектор. Човек кој не е салонски политичар, туку еден од вас.
Државите се градат низ многу искушенија и големи одлуки. Мојот сон е Македонија земја на среќни луѓе, на горда историја и наследство, но и на иднина кои сами ќе ја изградиме. Нашата земја е нашето светилиште околу кое ги градиме нашите судбини, а доаѓа денот кога одлучуваме за нив. 15 јули не е само датум, туку крстосница, меѓник на кој одлучуваме за иднината на нашата земја, за нашите семејства, за вашите деца, за идните генерации.
Донесете одлука за себе, за Македонија. А јас се обврзувам дека со целата моја енергија, срце и волја ќе се вложам и нема да ве разочарам.
Исправи се, Македонијо, одбери обнова!“ се вели во писмото на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Наместо да се извинат за 27 април, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател најавува амнестија за насилниците
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на 7 -годишнината од упадот во Собранието, кој се случи на 27 април 2017-тата година, истакна дека насилниците коишто влегоа да тепаат пратеници и новинари, не им се извинија ниту на граѓаните, ниту пак на луѓето кои ги поттикнуваа на насилство против своите сограѓани, само за да ги зачуваат своите фотелји затоа што не сакаа мирно да ја предадат власта, туку повеќе беа подготвени да ја жртвуваат државата. Наместо извинување, сега ВМРО – ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател најавуваат амнестија на насилниците доколку дојдат на власт.
„За жал истите луѓе кои на тој ден упаднаа во Собрание, сега бараат власт. Претседателот на главната опозициона партија беше влезен исто така. Не велам дека сите што влегоа внатре се криминалци, меѓутоа сакав да го прашам и тогаш и сега што бараше внатре во Собранието? Дали да ја заврши работата која ја организираа од неговата партија, да не дозволи мирен трансфер на власта – сите знаеме дека беше тоа, имаше судски пресуди на таа тема. За жал од тогаш поминаа 7 години, ни еден од актерите, особено ниту еден од организаторите не се извини затоа што за прв пат во историјата партијата на власт за да не ја даде власта организира бунт и со помош на пратеници, нападна пратеници, еден, двајца беа на работ на смрт. Освен што не се извинија, денеска нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија“, рече Пендаровски.
И дополнително, како што додаде Пендаровски се претставуваат како патриоти кои ја бранеле Македонија.
„Јас разбирам да кажеш криви биле тие и тие, по име и по презиме и да речеш дека многу им се високи казните или во име на некакво национално помирување да им простиме дел од казната, да си одат дома, било што било. Но ништо од тоа не се случува, само се најавува амнестија. Според мене тоа е јасен индикатор дека на таков начин, ако дојдат на власт и ќе се владее“’, додаде Пендаровски денеска во Пештани.
Македонија
Силјановска-Давкова: Не е точно дека стартуваме од нула, ние не шутираме пенали, а тие ги промашија на празен гол
Во рамките на својата кампања за претседателка за Република Македонија, професорката Гордана Силјановска – Давкова, оствари средба со граѓаните на Дебар каде што имаше свое обраќање.
„Ја заслужувате мојата благодарност за поддршката во првиот круг, без вашите гласови сигурно дека немаше да биде ваков резултатот каков што е многу инспиративен, не само за мене, не само за ВМРО ДПМНЕ туку за сите граѓани! Ние не агитираме, не ви велиме дека мора да гласате за нас, ама знаеме за кого ќе гласате. Ќе гласате за подобрите, ќе гласате за оние кои носат промени а не за оние кои велат дека грешеле ама сега ќе се обидат тоа што го згрешиле да го поправат, а тоа е невозможно“, рече Силјановска – Давкова.
„Не е точно дека стартуваме од нула, ние не шутираме пенали, а тие ги промашија на празен гол“, вели таа.
„Продолжувам онаму каде што застанавме таму каде што вие ни рековте дека треба да застанеме зашто гласовите се ваши, гласовите се на граѓаните и ние тоа нема да го заборавиме. Ако реков дека во првиот круг очекувам политички земјотрес, тој се случи, дури и со поголема разорна сила, која го допре СДСМ. Ама на 8 мај очекувам политички вулкан, бидејќи некои процеси можат да се насетат и не можат да се избегнат. Неминовен е поразот на СДСМ, на ДУИ, на коалицијата и неминовна е победата на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Неминовен е поразот на господинот Пендаровски и се насетува мојата победа. Тоа е јасно. Ова власт мора да си оди!“, заклучува кандидатката за претседател.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Граѓаните кои не гласаат, во суштина гласаат за Ахмети да продолжи да живее како шеик во хациенда
Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг во Чешиново-Облешево во рамките на претседателската и парламентарата кампања побара на изборите на 8 мај сите граѓани да излезат да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и за професорката Гордана Силајновска Давкова. Имено тој објасни дека ако граѓаните останат дома и не го остварат своето право на глас овозможуваат Али Ахмети, Артан груби, Бујар Османи и Крешник Бектеши да продолжат да го понижуваат целиот народ во Македонија.
-Има и такви кои седејќи дома пркосат на политичарите велејќи дека сите политичари се исти, дека се ќе биде како порано и наоѓаат некакво образложение зошто останале дома за изборите. Во суштина не разбираат дека и во тој случај гласаат, но гласаат за лошите политичари, за они кои ја ограбија, понижија и засрамија Македонија. Гласаат за Али Ахмети да продолжи да живее како блискоисточен шеик во својата хациенда во Зајас направена од ваши пари, да продолжат голобради момчиња да купуваат трговски центри во центарот на Скопје со вредност од неколку десетици милиони евра само затоа што се дел од семејството на Али Ахмети. Да продолжат луѓето кои што се дел од семејството на првенците на ДУИ преку своите фирми да имаат бизниси од неколку десетици милиони евра на грбот на граѓаните. Да продолжат Артан, Бујар, Крешник и останатите да ве понижуваат, да продолжат лагите, да продолжи раскошот во кои уживаат функицонерите на ДУИ, за нив гласаат. Тие кои останаа дома, гласаа за нив, рече Мицкоски и порача:
-Затоа од овде од Чешиново-Облешево ги молат сите кои на 8 мај ќе бидат тука рано наутро да гласаат.Јас би сакал да гласат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ и за кандидатот професорката Гордана Силајновска Давкова.
Мицкоски во текот на своето обраќање се осврна и на програмата „Платформа 1198“ каде наброја дел од проектите со кои ќе се овозможи трансформација на Македонија.
-Трансформацијата содржана во нашата Платформа 1198 вклучуваме до 800 милиони евра за земјоделците, реконструкција и ревитализација на сите водоснабдителни системи за земјоделците, потоа имаме 5000 денари линеарно за сите пензионери во првата година и уште многу други ветувања. Затоа е многу важно да се избере оваа наша програма за да можеме да ја трансформираме оваа наша Македонија, рече Мицкоски.
На крај претседателот Мицксоки се заблагодари пред граѓаните за големиот резултат постигнат на 24 Април за ВМРО-ДПМНЕ и за професорката Гордана Силјановска Давкова.
-Од Чешиново-Облешево и вие кои сте овде направивте исклучително голем резултат, благодарение на вас Македонија денес се чувствува повторно горда, а јас сум посебно горд што сум дел од овој процес. Посебно сум горд денеска од устата на 50 нови припадници на министертвото за внатрешни работи слушнавме една прекрасна песна „Бисер Балкански“ која за нас има едно посебно значање како народ, како држава, додаде Мицкоски.