Македонија
Мицкоски: Стево се плаши од дуел сам со себе камо ли од дуел со Силјановска, а најмногу има страв од Артан, се зборува дека пред него стоел мирно
„Изборот е помеѓу Стево Педнаровски и Гордана Силјановска Дафков. Пендаровски е арогантен. И треба да добиеме впечаток дека е сега дојден нов во политиката, а не 5 години претходно и место претседател тој стана коментатор кој по ниедно дело нема да го запаметиме. Тој е едноставно како турист во сопствената земја“, порача Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во општина Битола.
Мицкоски праша што направил Пендаровски во неговата 30 годишна кариера како политичар и советник, додавајќи дека Стево е нераскинлив дел на криминалната коалиција СДСМ и ДУИ.
„Еве ве прашувам што направил Стево Пендаровски во неговата 30 годишна кариера како политичар и советник? Ако некој се сети да го предложиме за нобелова награда. Стево е нераскинлив дел на криминалната коалиција СДСМ-ДУИ од кои впрочем и бараше поддршка на овие избори. А сега сака намерно да се претставува дека е на дистанца“, посочи Мицкоски.
„Кога го слушаме се добива впечаток дека небаре вчера дошол во државава и е некоја нова личност што не ја познаваме. 7 години СДСМ е власт и нема автопат кој го изградија, а тој ги брани ама притоа ви вика ако не го направат во идната влада ќе им дадеме шут карта. Каков фолирант од човек“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакна дека Пендаровски се плаши од дуел сам со себе, а не пак дуел со Силјановска Давкова.
„Стево се плаши од дуел сам со себе камо ли од дуел со професорката Силјановска Давкова. Но, она што важи како легенда е дека Стево Пендаровски најмногу се плашел од Артан Груби и кога ќе го видел мирно стоел со часови, не се поместувал“, рече тој и додаде:
„Додека овој глуми самодоверба тој е длабоко во себе еден уплашен човек седнат во скутот на ДУИ. И ме асоцираат и тој, а и Ковачевски и нивниот однос со ДУИ на култната реплика од филмот „Среќна нова ’49“ кога изневерените очекувања кон пријателот се оправдуваа со реченицата: „Извини Пиги морално беше”, Извини Пиги морално беше ќе им каже ДУИ на Пендаровски и Ковачевски вечерта на 8 мај кога сите заедно катастрофално ќе изгубат и ќе бидат поразени од народот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

