Македонија
Мицкоски: Ќе ја продолжиме политиката на рамен данок, ќе понудиме компании во светот да ги пренесат своите профитни центри во Македонија
Нема да биде како до сега, досега беше лошо, односно не било полошо. Кога станува збор за економијата можам да кажам дека за нас што претставува најголем приоритет. Според сите мерења на јавното мислење, како прв приоритет граѓаните го посочуваат проблемот со нискиот стандард, ниските плати, економијата. Што значи дека ако ние направиме сериозни реформи, што не се сомневам, убеден сум дека ќе направиме нешто што ќе биде историски значајно и ќе ја трансформира Македонија во насока во која сакаме да ја видиме, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната дебата за Економска платформа за иднина на тема „Нов концепт за економски развој“ во Велес.
Мицкоски истакна дека изминативе 6 и половина години владата на СДС и ДУИ ја заковаа Македонија на дното, во регионот и Европа според економските параметри.
„Македонија се наоѓа денеска на дното и сите тоа го знаеме и тоа е една од причините поради кои ВМРО-ДПМНЕ влегува во овие избори, и ние на два месеци од почеток како кампањата сме фаворит, затоа што граѓаните кога ќе ги прашате која од политичките партии очекуваат да ги решат тие проблеми, во огромно мнозинство се изјаснуваат дека очекуваат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да ги решат тие проблеми“, изјави Мицкоски.
Потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ во иднина има намера да ја продолжи политиката на ниски давачки, односно рамен данок кој што е карактерна особина и претпознатлив реформски потег кој го почна ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата на СДС во одреден период осцилираше и воведуваше прогресивен данок и создаде непријатна атмосфера во бизнисот, атмосфера на непознато и на тој начин бизнисмените не инвестираа, не отвораа работни места, а економијата тапкаше во место и сега сме последни позади Косово“, рече Мицкоски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе воведе пакет кој ќе опфати понуда до мултинационални компании во светот да ги пренесат своите профитни центри во Македонија.
„Тука не зборувам за производни, туку профитни центри, и на тој начин тие својата консолидирана добивка ќе ја донесат во Македонија, односно за ниски даноци до 5% ќе можат да ја консолидираат нивната добивка тука, Македонија ќе биде земја со најнизок рамен данок на профит во Европа“, нагласи тој.
Мицкоски го потенцираше и проектот со кој се планира реалокација на средства од државниот буџет кон општините, за финансирање на проекти кои се важни за граѓаните, а кои за жал досега не биле реализирани.
Мицкоски посочи дека тоа се проекти како водови, канализација, патишта, училишта, градинки и така натаму.
Овој проект годишно ќе зафати околу 250 милиони евра или во 4 годишен мандат 1 милијарда евра, изјави Мицкоски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

