Македонија
Мицкоски: Eрес беше да се спомене македонски идентитет во време на претходната власт

На денешната седница во Собранието посветена на пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски со свој коментар за актуелните позиции во меѓународните односи.
Мицкоски при одговорот на пратеничкото прашање поставено од страна на пратеникот Трајчулевски од СДСМ потсети дека негаторските позиции за македонскиот идентитет и јазик не се новина во некои кругови во Бугарија и тие постојат уште од создавањето на бугарската држава до денес.
„Нема да ве вратам во времето на Батемберг, во времето на егзархот Јосиф, како се обидувале да го асимилираат овој дел. Дошле и до вашето Крушево. Но, не успеале. Потрошиле два буџета, но не успеале. Но, тоа што го правеле, а потоа го продолжил Тодор Живков, вие го прифативте. Вие ли сега најдовте да ми кажувате? Тоа што не му успеало на Батемберг преку Јосиф, преку оваа асимилаторска на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте. И, да, тешко е, преку ноќ не можеме за една година да го смениме, но ќе работиме да го менуваме. Бидете трпеливи. Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во извештај. Вие прифативте доброволно потпишувајќи го, лажејќи тука во парламентот, да ги асимилирате Македонците. Ние тоа нема да го правиме. Ние тоа ќе го исправиме. Бидете трпеливи“, одговори Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вреди: Пописот беше дело на ДУИ, Албанците беа оставени како странци во сопствената земја

Вреди остро ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека создава неправди врз Албанците, а потоа вината ја префрла врз други.
„ДУИ се преправа дека е загрижена за правичната застапеност на Албанците, но вистината е горчлива: тие ја создадоа неправдата што денес ја осудуваат“, стои во соопштението на ВЛЕН.
Оттаму потсетуваат дека Законот за попис бил изготвен и предложен токму од министрите и пратениците на ДУИ, меѓу кои Бујар Османи, Артан Груби, Фатмир Бесими и Арбер Адеми. Тие додаваат дека во законот биле внесени одредби кои, според нив, ги третираат Албанците од дијаспората како странци во сопствената земја.
„Резултатот не е статистичка грешка, туку намерно намалување на бројот на Албанците и напад врз правичната застапеност. Тоа е историска неправда и едно од најголемите предавства на албанската кауза“, наведуваат од Вреди, додавајќи дека додека раководството на ДУИ се занимавало со бизнис интереси, Албанците доживеале неправда од државата.
Во соопштението се истакнува дека Вреди ќе биде коректор на „свесните грешки на ДУИ“ и дека нема да дозволи повторно фалсификување на бројките и достоинството на Албанците.
„Нема амнестија за политичка вина. Времето на измама заврши, сега е времето на албанскиот граѓанин“, порачаа од Вреди.
Македонија
На Табановце се чека до 15 минути за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ). Интензитетот на сообраќајот е зголемен, особено надвор од градските средини, поради летните одмори.
На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува околу 10 до 15 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања ниту при влез, ниту при излез од земјата.
Во меѓувреме, поради пожар во Националниот парк „Јасен“, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје е целосно затворен за сообраќај.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност за појава на одрони. Како критични делници се посочуваат патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Попладне дожд и грмежи во западните делови

Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладневните часови носат локален пороен дожд и ретки грмежи, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат меѓу 11 и 20 степени, додека максималните ќе достигнат од 25 до 33 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви интервали. Северниот ветер ќе дува умерено, а повремено и засилено. Температурата ќе се движи од утрински 17 до максимални 31 степен.
Според прогнозите, во недела ќе продолжи да дува слаб до умерен северен ветер, а долж Повардарието ќе биде засилен, што ќе предизвика намалување на дневните температури. Од почетокот на следната недела пак, се очекува стабилизирање на временските услови и благ пораст на дневните температури.