Македонија
Мијалков не дојде на судење поради проблеми со желудникот
Ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков утрово не се појави на судењето за предметот „Трезор“ на СЈО. Неговиот адвокат, Љупчо Шврговски, на судот му достави извештај од специјалист за здравствената состојба на неговиот клиент и рече дека не се чувствува добро, па затоа бил спречен да дојде на судењето.
„Повраќа, има проблеми со желудникот. Не сум лекар, еве ви извештај“, рече Шврговски.
Обвинителите од СЈО, Трајче Пеливанов и Артан Ајро не побараа увид во медицинскиот извештај.
Судијката Џенета Бегтовиќ рече дека обвинетиот бил уредно повикан. Таа цитираше дека Мијалков доставил потврда од „Неуромедика“ и „Аџибадем Систина“, со кои се потврдува дека пациентот има отворено боледување од 25 септември. Бегтовиќ на латински ги читаше дијагнозите на Мијалков. Тој треба да направи контрола за една недела за да се провери состојбата.
Како што беше наведено во дел од извештајот што го прочита судијката, Мијалков повраќал, имал гадење, подждригнувал, имал покачена телесна температура, хернија.
Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, Горан Грујевски, поранешниот началник на петтата управа, Тони Јакимовски, ексшефот во кабинетот на Мијалков, и Небојша Сајковиќ, експомошник министер во МВР член на Управен одбор на Телеком, се обвинети дека набавиле опрема за прислушување во Лондон, 2010 година, но набавката не одела преку МВР, туку преку компанијата „Финзи“. Според СЈО, „Финзи“ во договор со УБК и МВР увозот на опремата го фактурирала по двојно поскапа цена.
Предметот е во фаза на доказна постапка и треба да продолжи со сослушување сведоци.
Мијалков бараше судот да му го врати пасошот за да се лекува во Чешка, но судот по негативното мислење на СЈО го одби.
Судијката закажа ново рочиште за в понеделник, 30 септември, бидејќи истекуваат 90 дена од претходното рочиште и предметот формално треба да почне од почеток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

