Македонија
Млекото со афлатоксин се враќа во Србија, Трипуновски лажно шири паника, велат од АХВ
Неосновано ширење паника и доведување на граѓаните во заблуда е последната објавена вест на Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, дека на рафтовите во продавниците се пласирани над 20 тони трајно млеко по потекло од соседна Србија кај кое лабораториски е детектирано присуство на афлатоксин М1 над максимално дозволените концентрации. Граѓаните да бидат спокојни, „канцерогено“ млеко со афлатоксин по потекло од Србија, како што тврди Трипуновски, на полиците во маркетите нема. Денес, со согласност на извозникот, од граница тоа се враќа во Република Србија во согласност со законски дефинираните процедури, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
„За да нема идни шпекулации и замајувања на јавност, дека граѓаните во земјата пијат небезбедно млеко со афлатоксин, одговорно тврдиме дека со цел спречување на ризикот за јавното здравје, поради утврдено зголемено присуство на афлатоксин М1, во сила е решението за безбедносни мерки при увоз на млеко, производи од млеко и храна за исхрана на животни од 1 декември минатата година, кое го донесе Агенцијата за храна и ветеринарство. Со него се врши задолжително лабораториско тестирање на присуство на афлатоксин М1 на секоја пратка со млеко и производи од млеко што се увезува во земјата, а е по потекло од Република Србија или од Босна и Херцеговина“, информираат од Агенцијата.
Според нив, мостри се земаат на граничните премини, односно пратките не се пуштаат во промет до добивање задоволителен резултат од тестирањата.
„Оттаму, небулозно е денешното тврдење дека небезбедно млеко по потекло од соседна Србија завршило на рафтовите во продавниците.
Веста на Трипуновски за афлатоксинот во сурово млеко по потекло од една од поголемите млекарници е стара неколку месеци, иако и со неа денес се обиде да манипулира. Ова млеко, во согласност со операторот, уште во април годинава нештетно е уништено и не е стасано во прометот“, се истакнува во реакцијата од АХВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

