Македонија
МНР: Амбасадорот ја претставувал сопругата Најчевска како „аташе за наука“ без одлука на Министерството
Повлекувањето на амбасадорот од Прага претставува долг процес кој беше воден од Комисиијата во рамките на Министерството за надворешни работи, кои констатираа бројни прекршувања на процедурите и дипломатските практики, кои беа поткрепени и со материјални докази и прецизни констатации, велат од Министерството за надворешни работи преку допис до медиумите за амбасадорот Сашо Тодоровски.
Во соопштението се наведува дека прекршоци биле правени во рамките на материјалното финансиско работење, при активностите за санирање на објектот на амбасадата, не се испочитувани внатрешните процедури и склучени се договори без согласност на Министерството; по истите Договори подоцна исплатени се финансиски средства без материјално покритие за истите.
„Без согласност од МНР амбасадорот ангажирал локален персонал и склучил договори за ангажман на локален персонал, што е спротивно на интерните акти на МНР, поточно член 9 и член 10 од Правилникот за ангажирање локален персонал и спроведување практична работа на студенти во дипломатски и конзуларни претставништва. Без претходна соодветна одлука на Министерството, ја претставувал сопругата за „Аташе за наука“ на Република Северна Македонија, иако таа го немала добиено тоа дипломатско звање; прекршувајќи ги сите правила и надминувајќи ги ингеренциите кои ги има, ги довел во заблуда претставниците на научните и образовни институции во земјата на покривање“, велат од МНР.
Како што се додава, тој ги прекршил и правилата на добрата дипломатска практика, односно без да најави, не присуствувал на испраќањето на претседателот на Владата сосе неговата придружна делегација за време на посетата на земјата на покривање, оставајќи непријатен впечаток пред дипломатските претставници на земјата – домаќин.
Во рамките на мандатот амбасадорот бил повикан на консултации во Скопје за да објасни дел од прекршувањата и направените неправилности, но иако ја напуштил земјата на покривање, без дозвола ја напуштил и земјава и подоцна пријавил дека отишол на одмор, за што е потребна посебна дозвола.
Сите овие дејствија, велат од МНР, поткрепи со материјални докази и прецизни констатации, се дел од извештајот изготвен од Комисијата во рамките на Министерството за надворешни работи кој подоцна е усвоен од Владата.
„Констатирајќи ги сите овие неправилност кои се дел од извештајот на Комисијата, Владата донесе одлука за повлекување на Амбасадорот. По веќе донесената одлука на Владата, Амбасадорот поднесе барање за предвремено повлекување“, велат од Министерството.
Претходно, професорката Најчевска во статус на социјални мрежи рече дека Toдоровски самиот поднел оставка и оти станува збор за хајка поради нејзините критички ставови во јавноста, како и заради несогласување на нејзиниот сопруг како амбасадор во Прага со начинот на функционирање на министерството.
За нејзиниот ангажман, наведе дека сопругите и сопрузите на амбасадорите добиваат средства во висина од 10 проценти од платата на амбасадорот не за да се шетаат и да се проводат, туку за извршување на дипломатски задачи кои им ги доделува амбасадорот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

