Македонија
МНР бара од Словенија и Хрватска нови конвои за враќање на македонските превозници дома
Во врска со застојот на македонските автопревозници на италијанско-словенечката граница, Министерството за надворешни работи (МНР) информира дека вчера се обезбеди конвој за одреден број македонски превозници, кои беа придружувани од словенечката полиција и транзитираа преку словенечка територија на пат кон крајната дестинација – Република Северна Македонија.
„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, со сите свои ресурси и напори, преку дипломатско-конзуларните претставништва во Љубљана и Загреб, се обидува да обезбеди што поскоро транзитирање преку словенечка и хрватска територија и безбедно враќање дома на сите наши превозници. Испративме и нота до словенечкото и хрватското МНР, со барање за што поскоро вклучување на македонските превозници (лесни возила, комбиња, автобуси и камиони) во следните планирани конвои од словенечка и хрватска страна. Во тој контекст, министерот Никола Димитров од утринските часови е во постојана комуникација со Министерството за надворешни работи на Словенија, кризниот штаб и амбасадорот Јазбец“, велат од МНР.
Димитров денес разговараше и со министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар за проблемот со кој се соочуваат македонските превозници поради застојот на италијанско-словенечката граница и потребата за што побрзо негово решавање.
„Двајцата министри се договорија дека ќе вложат максимални напори за да се направи се’ што е во надлежност на министерствата за надворешни работи од регионот, како би се забрзал транспортот.“, соопштија од МНР.
Во меѓувреме, велат од таму, нашата амбасада во Словенија прави напори да се обезбедат македонските превозници со вода и храна.
Од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенечкиот кризен штаб известуваат дека најмалку 3000 превозници чекаат на граничните премини на италијанско-словенечката граница и уверуваат дека постојано организираат конвои, внимавајќи на правично учество на превозниците од сите држави во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за слаб локален снег
Утре претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.
Македонија
Новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците, децата од центарот за рехабилитација
Традиционално и годинавабеа доделени новогодишни пакетчиња од Општина Битола за штитениците- децата од ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација-Битола.
Дедо Мраз предизвика радост кај децата, а од името на Општина Битола празниците им ги честиташе секретарот на општината Борче Димитровски.
Во овој Центар кој работи со деца со посебни потреби денеска беше предновогодишно весело.
Македонија
Втора вечер од „Новогодишна приказна“ во Кисела Вода: Либеро Бенд, Антониа Гиговска и Оле Поцкова во парк Шопен
По успешниот старт на „Новогодишната приказна“, која вчера ја исполни oпштина Кисела Вода со енергија и убаво расположение, вечерва во паркот „Шопен“ продолжува програмата наменета за сите генерации и вкусови, соопштија од општината.
Настанот е отворен за сите граѓани, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во празничниот амбиент со новогодишни куќарки, украси и содржини наменети за целото семејство.
Втората вечер започнува во 19 часот и ќе ја отвори Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама. Потоа сцената, после 20 часот ќе им припадне на Либеро Бенд, а вечерта ќе ја заокружи настапот на Антониа Гиговска. Водител на настанот е Миро Кацаров. Општина Кисела Вода ги поканува сите граѓани да се приклучат на втората вечер од „Новогодишната приказна“ и да уживаат во празничниот амбиент со своите најблиски.

