Македонија
МНР: ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа дека со едно видео за објаснување на преговарачкиот процес со ЕУ се разоткри нивната пропаганда
Со реакција на прес конференција на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, се огласи Министерството за надворешни работи.
Во соопштението до јавноста што го испрати МНР се вели дека „ВМРО ДПМНЕ не може да прифати дека нивните лаги и пропаганда за преговорите се разоткрија во само едно детално видео во кое прецизно беше објаснета содржината на преговарачката рамка, како и процедурите и принципите на преговарачкиот процес. На граѓаните им стана јасно дека ниту договорот со Бугарија ниту прегледите од член 12 нема да бидат пречка за напредок во европските интеграции, затоа што тие ниту се дел од поглавјата, ниту во одредниците содржани во акциските планови, ниту пак било каде во специјалниот дел од преговарачката рамка за кој ќе бидат изготвувани извештаи и по кои ќе се гласа“.
– Европската интеграција на земјава претставува стратешки државен интерес за кој граѓаните, без разлика на политичката припадност, имаат право да бидат јасно и прецизно информирани за прашањата од кои зависи во каква земја ќе живееме во иднина. Граѓаните заслужуваат аргументирана политичка дебата, а не паушални и шпекулативни обвинувања за кои нема никаква основа. За жалење е што опозицијата наместо да ги изложи своите аргументи и јавно да ги објасни своите политички ставови, избира да се вклучи во измислени приказни со кои се обидува да ја избегне одговорност за политичкиот инает со кој настапува, велат од МНР и заклучуваат дека „граѓаните заслужуваат европска иднина, Република Северна Македонија заслужува да продолжи успешно да ги води преговорите и одговорните политички лидери не треба заради тесни партиски интереси да ѝ застанат на тој пат на земјава“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).