Македонија
МНР ги поздрави препораките на историската комисија
Министерството за надворешни работи соопшти дека во целост ја поддржува работата на Комисијата за историски и образовни прашања со Република Бугарија и ја поздравува вечерашната објава на препораките кои се дел од Протоколот потпишан меѓу двете земји во 2019 година.
Оттука велат дека работата на Комисијата, содржината на којашто таа работа, е целосно автономна, суштински експертска и професионална, заштитена од какви било политички влијанија. Овој предуслов е содржан и во принципите на Протоколот потпишан меѓу двете министерства за надворешни работи и претставува еден од клучните принципи кои обезбедуваат стручност и автентична експертиза во работата на Комисијата.
Понатаму, како што велат од МНР, претставените резултати од работата на Комисијата го задржуваат принципот на реципроцитет за двете земји, што претставува еден од суштинските елементи за градење на меѓусебната доверба и меѓусебна почит, принцип кој исто така е нотиран во содржината на Протоколот потпишан меѓу двете земји.
Трето, со објавените резултати Комисијата покажа дека со храбар, но стручен и искрен пристап, историчарите можат да се изнајдат пристојни и автентични решенија, базирани на историските вистини кои почиваат на факти, а кои нудат можност за заедничко чествување на одредени историски настани, надминување на разликите и создавање основа за изградба на стабилна заедничка иднина меѓу двете земји, смета МНР.
Министерството додава дека Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија и натаму ќе ја има нивната целосна поддршка, особено во насока на поддршка за автономијата во нивната работа.
„Сакаме и да ја охрабриме Комисијата да продолжи и понатаму со својата работа, ослободени од политичките притисоци кои се создаваат во јавноста, потпирајќи се на својата стручност, совесност и експертиза“, се додава во соопштението на МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

