Македонија
МНР: Не се констатирани злоупотреби на службените возила
Од Министерството за надворешни работи ги демантираат информациите за злоупотреба на службените возила.
„Дозволете уште еднаш да потврдиме дека во Конечниот извештај за извршена ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во МНР за период од 01.08 до 31.10.2021 год., НЕ СЕ КОНСТАТИРАНИ злоупотреби, и оттаму нашата реакција дека таков Извештај, во кој се констатирани неправилности – не постои“, се наведува во соопштението од оваа институција.
„По доставувањето на барањето од ДКСК за „ад хок“ ревизија, Одделението за внатрешна ревизија изготвило ПРЕТХОДЕН ИЗВЕШТАЈ за извршена ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во Министерството за надворешни работи за период од 01.08 до 31.10.2021 год. со бр. 58-9205/22-1 од 21.03.2022 година. Во овој претходен извештај наведени се 4 препораки по кои МНР треба да постапи во определен рок.
Во истиот период, Владата донесе нова Одлука за начинот на користење и одржување на службените возила бр. 214 од 15.09.2021 година. Врз основа на одредбите на оваа Одлука и препораките од Претходниот извештај, донесoвме ново Упатство на начинот на користење, управување и одржување на службени патнички возила на МНР број 05-11071/22-1 од 05.04.2022 година, кое што целосно е усогласено од Одлуката на Владата и препораките од Извештајот.
Согласно старото и новото упатство, mинистерството во континуитет се грижи за службените возила и истите редовно се одржувани, сервисирани, регистрирани и осигурувани.
Оттука, дозволете да потврдиме дека како Министерство имаме соодветно одговорено на наведените прелиминарни констатации, по што на крајот на КОНЕЧНИОТ ИЗВЕШТАЈ јасно стои дека целосно или делумно е постапено по сите четири препораки, и особено важно дека при проверката не е констатирано дека има злоупотреба на службени возила во партиски цели.
Како дополнителна потврда на ова тврдење, самиот Извештај на ревизијата има констатирано дека во наведениот период нема зголемена потрошувачка на гориво, напротив, има помала просечна потрошувачка искажана преку финансиските извештаи и покрај тоа што Министерството немало намалени службени активности во тој период“ стои во официјалната реакција од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

