Македонија
МНР: Новиот протокол со ЕУ со нови поволности за бизнисите за настап на европските пазари
Владата на денешната седница, а на предлог на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја донесе одлуката за предвремена примена на измените на Протоколот за потекло на стоки од Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Македонија и Европската Унија со што се обезбедува правна основа за примена на ревидираните преференцијални правила за потекло на стоките од почетокот на месец ноември 2021 година.
„Со промените од новите правила за потекло на стоки ќе бидат засегнати сите економски оператори и компании во нашава држава што се занимаваат со извоз. Со оглед на тоа што околу 85% од целокупниот извоз на Република Северна Македонија се врши со земјите членки на ЕУ и 24-те држави во Пан-евро-медитеранската зона (ЕФТА, Турција, ЦЕФТА, земјите од Источното партнерство и медитеранските земји), овие нови правила претставуваат своевидна револуција во надворешно-трговската размена.
Производителите во Северна Македонија ќе добијат големи можности за увоз на суровини без царина од трети земји и извоз на готовите производи во ЕУ, исто така, без царина. Придобивки ќе имаат сите индустрии, но најголеми ќе имаат компаниите што произведуваат технолошко современи производи, особено компаниите од автомобилската индустрија и компаниите во ТИРЗ. Големи погодности ќе имаат и компаниите од прехранбената и преработувачката индустрија.
Новите правила за потекло на стоки им отвораат поголеми можности на компаниите да обезбедат поевтини суровини при создавањето на производите за овие пазари, имајќи предвид дека со оваа одлука се укинуваат царините на суровините за преработка“, соопшти МНР.
Дополнително, со намалување на условот за процентот на додадена вредност од 60% на 50% како домашен придонес во создавањето на производот, се унапредува нивната позиција на странските пазари, стануваат далеку поконкурентни, но истовремено се создаваат услови и за нови странски инвестиции кои добиваат можности за извоз на овие пазари со далеку подобрени услови преку овие нови правила.
Овие правила, како што се наведува, треба да ја олеснат економската интеграција на нашата држава на регионалниот економски пазар и консолидација и развој на интегрирани синџири на снабдување со земјите од регионот што ги применуваат новите преференцијални правила за потекло. Според анализите што се правени, според новите услови за потекло, нашиот извоз треба дополнително да се зголеми на годишно ниво за 6,3%.
Несомнено е дека интеграцијата на Република Северна Македонија кон Европската Унија, но и условите што Владата ги обезбедува за поволна клима за развој на овие односи имаат директно влијание на динамиката на развојот на нашата економија, индустрија и насочувањето на нашите трговски односи кон ЕУ, се додава во соопштенито.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Започна темелна трансформација на просторот на потегот во Градски ѕид
Општина Центар започна со подготвителни работи за партерно и хортикултурно уредување на потегот во Градски Ѕид, од Зелено пазарче до ул. „Македонија“.

Во рамки на активностите, се отстранува дотраеното детско игралиште во делот зад објектот „Краш“. На истата локација ќе биде поставен нов проширен простор наменет за детска игра, со нови реквизити и подлога.

Веднаш до него се планира и поставување модерна фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација.

„Модернизацијата и уредувањето на овој простор беа дел од мојата програма. По барање на жителите, овој потег го уредуваме за да биде достоен за урбаното јадро и за нивните секојдневни потреби“, порача градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

На целиот потег ќе се изврши целосно поплочување. Дотраените и искршени плочи се отстрануваат, се поставуваат нови рабници, како и нов кош на местото на постојниот. Предвидена е и изведба на хидроизолација над подземните гаражи, со цел решавање на проблемот со протекување.

Со проектот е опфатено темелно хортикултурно уредување, поставување нови клупи, светилки и уредени пешачки патеки. Просторот ќе добие функција на мини урбан парк.

Овој дел од Градски Ѕид е исклучително фреквентен, а уредувањето ќе има директно позитивно влијание врз секојдневието на илјадници граѓани, создавајќи зелена и функционална зона што ќе го поврзува Зелено пазарче со деловниот и станбениот дел на општината, велат од Центар.

Македонија
Стефковски: Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари за Скопски саем
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски се обрати до граѓаните, а по повод пресудата на Апелациониот суд во Скопје за враќање на 127 милиони денари за Скопски саем.
„Од првиот ден кога ми ја дадовте довербата да ја водам Општина Гази Баба, јавно се обврзав на транспарентно, отчетно и одговорно работење. Мојот однос кон Вас, кон народот секогаш бил искрен, директен и отворен, без прикривање на проблемите, колку и да се тешки. За жал, по повеќе од шест години, денес се соочуваме со сериозен и тежок предизвик, кој е директна последица на неодговорното и недомаќинско работење на претходното раководство на општината.
Имено, повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски Саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд.
Претходното раководство на Општина Гази Баба издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни одобренијата на правните лица кои веќе имале платено надомест за уредување на градежно земјиште.
Наместо, при огласувањето на одобренијата за ништовни, да им биде вратен уплатениот надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 73.460.330 денари, тогашниот градоначалник не го сторил тоа и постапката завршила на суд.
По повеќегодишна судска постапка, на 30.10.2025 година Апелациониот суд во Скопје донесе Пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да им ги врати уплатените средства на тужителите, заедно со законска казнена камата пресметана од денот на поднесување на тужбата – 27.10.2020 година во вкупен износ од 127.000.000 денари.
Оваа пресуда е јасен и недвосмислен доказ дека во периодот од 2017 до 2021 година, во Општина Гази Баба се работело неодговорно, без визија, без грижа за јавниот интерес и без почит кон законите. Наместо во 2020 година да бидат вратени уплатените 73.460.330 денари, денес во 2026 година општината е должна да врати 127.000.000 денари.
Се работи за сериозен финансиски и институционален предизвик, кој со право предизвикува загриженост кај мене. Но сакам јасно да порачам: граѓаните да бидат спокојни.
Со одговорна, чесна и посветена работа, со домаќинско управување и со целосна транспарентност, овој проблем ќе го надминеме. Општина Гази Баба ќе продолжи да функционира стабилно и во интерес на граѓаните.
Истовремено, за ваквата состојба ќе ги информираме сите надлежни институции, со цел да се разгледа можноста за утврдување на одговорност, согласно важечките закони во Република Македонија.
Правдата, одговорноста и заштитата на јавниот интерес мора да бидат основа на секое работење. Тоа Ви го должиме на Вас – граѓаните“, се наведува во обраќањето на градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски.
Македонија
АХВ доби поддршка: Изградбата на гробишта за домашни миленици претставува решавање на деценискиот проблем
Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов и стручни лица од Агенцијата, неделава одржаа работни состаноци со Министерот за локална самоуправа Златко Перински, Градоначалникот на Град Скопје и Претседател на Заедниците на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓорѓиевки. На состаноците се разговараше за неколку актуелни прашања од надлежност на АХВ и локалните самоуправи, за чие решавање е потребна заедничка соработка на институциите.
Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС и даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на постоечкиот проблем и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините.
„Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да не се фрлаат заедно со комуналниот отпад, или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија“- рече на состанокот Министерот Перински.
Претстои дефинирање на локации во општините за нивна изградба и планирање на инфраструктурата која треба таму да се изгради за да може тие целосно да се стават во функција на граѓаните, појасни Ѓорѓиевки, потенцирајќи дека локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка во реализацијата. Во однос на решавање на актуелниот проблем со бездомните кучиња тој изрази подготвеност за поддршка и помош на АХВ преку вклучување и на општинските инспектори и општинските комунални редари во решавањето на актуелниот проблем со бездомните кучиња.
На состаноците акцент беше ставен и на предложените решенија за намалување на популацијата на бездомни животни преку воспоставување на систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа, што наиде на поддршка и од Министерот Перински и од Градонсчалникот на Град Скопје Ѓорѓиевки, со ветување дека и локалните самоуправи активно ќе се вклучат во имплементацијата на претстојните законски измени. Според Директорот на АХВ Миланов, во предлог законските измени се веќе инкорпорирани забелешките и предлозите кои ги дадоа здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а в передвид ќе се земат и предлозите на општините.
„Како одговорна институција и за здравстената заштита и благосостојбата на животните, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне на општините во однос на решавање на техничките прашања при воспоставувањето на системот за контрола на популацијата бездомни кучиња, согласно можностите, надлежноста и овластувањата на АХВ“, заклучи Директорот Миланов.

