Македонија
МНР повика на внимателност од државните функционери: Со Грција развивме политички дијалог на високо ниво

Министерството за надворешни работи објави дека ја потврдува цврстата определба на земјата кон недвојбено почитување на уставните одредби, како и сите меѓународно преземени обврски, како што е целосното почитување на договорот за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Грција, познат како договорот од Преспа.
„Изминативе седум години двете соседни земји развија исклучително високо ниво на политички дијалог, кое резултира и со неколкукратно зголемување на економската соработка и изградбата на позитивни врски меѓу луѓето. Овие придобивки резултираа со членството на земјата во НАТО, отворање на преговорите со Европската Унија, како и со надградба на стратешкото партнерство во стратешки дијалог со САД“, велат од МНР.
Повикуваат на внимателност од страна на сите политички фактори, особено на избраните државни функционери.
Од тука додаваат дека задржувањето на евро-атлантскиот курс на земјата претставува основен стратешки интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата.
Новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова на вчерашната инаугурација во Собранието положи заклетва за претседател во која го употреби името Македонија, што предизвика реакции во Грција, а грчката амбасадорка демонстративно ја напушти пленарната сала во Собранието. Грчкото МНР излезе со остра реакција коментирајќи дека се прекршува договорот од Преспа. ЕУ повика на почитување на договорите, кои, како што велат, се неопходни за продолжување по патот во Европската Унија. Утрово, реагира и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој рече дека нема да прифатат слични лапсузи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром и Сопиште

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Црноризец Храбар. (општина Аеродром)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. 11 во Горно Соње. (општина Сопиште)
Македонија
Променливо облачно со слаб северен ветер, попладне врнежи од дожд

Променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Попладне ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат пообилни. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 14, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степен.
Во Скопје, променливо облачно со слаб северен ветер. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат обилни. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 30 l/m², а локално и над 50 l/m². Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, во четврток на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места. На повисоките планини ќе се формира снежна покривка.Температурата на воздухот значително ќе опадне. Во деновите од викендот ќе има стабилизирање на времето со пораст на дневната температура
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка на булеварот Партизански Одреди бр. 59а, без вода ќе останат корисниците лоцирани на десната страна на потегот од булеварот 8-ми Септември до Франклин Рузвелт. (општина Карпош)
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.