Македонија
МНР: Потпишувањето изјави со називот Република Македонија сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата
Министерството за надворешни работи изрази загриженост откако советниците од Левица во Штип и Аеродром потпишаа свечени изјави со називот Република Македонија. Од МНР повикуваат на доследна примена на уставните одредби во согласност со Договорот од Преспа и велат дека потпишувањето изјави со називот Република Македонија сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата.
Од Министерството потсетуваат дека од јануари 2019 година уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.
„Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија. Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Договорот од Преспа, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението на МНР.
Од таму упатија апел до надлежните институции и особено до Министерството за локална самоуправа, соодветно да реагираат согласно нивните надлежности и апел до сите советници во општините доследно да го почитуваат Уставот, како што е наведено и во самата свечена изјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Вo среда ќе има врнежи од дожд, локално пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта, кога во западните делови ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе бидат претежно од снег. Во западните делови се очекува да се формира нова снежна покривка. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег.
Македонија
Посебен сообраќаен режим денеска во Скопје
Денеска, по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.

