Македонија
МНР: Успешно спроведена евакуацијата на македонска државјанка од Вухан, Кина

Министерството за надворешни работи информира дека македонска државјанка, врз основа на доброволна согласност, а со посредство на амбасадите на Република Северна Македонија во Пекинг и Париз, успешно е евакуирана од кинескиот град Вухан. Нејзината здравствена состојба е добра, не постојат симптоми на коронавирусот.
„Постапката на евакуацијата беше спроведена преку приклучување кон Програмата за евакуација на Франција, која за оваа намена организираше специјален лет кој што денеска слета во воена база на југот во Франција. Пред да го продолжат патот до своите матични држави, патниците ќе бидат евакуирани во помал град на југот на Франција, каде ќе подлежат на задолжителен карантин во трaење од 14 дена, што е воспоставен протокол за евакуација на сите патници од Вухан.
Министерството за надворешни работи е во постојана комуникација со евакуираната патничка преку надлежните амбасади во Пекинг и Париз, како и преку властите на соодветните држави“ соопшти МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска наместо да ги брани државните интереси, повторно е мегафон на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова уште еднаш покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините дневнополитички ставови, велат од СДСМ, по изјавата на претседателката за резолуцијата со црвени линии што ја најави опозицијата.
„Наместо државнички пристап, наместо да ја поддржи иницијативата за национален консензус во клучен момент за евроинтеграциите, таа ја нападна идејата на СДСМ за резолуција со јасно дефинирани државни позиции и црвени линии. Претседателот треба да биде фактор на стабилност и обединување, а таа избира да биде продолжена рака на владата и на пропагандата на Христијан Мицкоски. СДСМ ја предлага резолуцијата со цел државата конечно да заземе единствен и јасен став по прашањата поврзани со европските интеграции и преговорите со ЕУ. Таков пристап не само што е легитимен, туку е и неопходен – ако сакаме да ги заштитиме државните интереси и достоинството на граѓаните“, се наведува во соопштението.
Според СДСМ, претседателот на државата има уставна и политичка обврска да биде фасилитатор на националниот дијалог, а не негов најгласен противник.
„Но од Сиљановска не видовме ниту една конкретна иницијатива, ниту една остварена дипломатска цел, ниту еден став кој ги обединува граѓаните. Наместо тоа, цела година ја помина во културни протоколи и одење по концерти, додека државата се соочува со сериозни предизвици. СДСМ останува посветен на патот на ЕУ и ќе продолжи да работи за консензус. Но нема да молчи пред деструктивноста на една претседателка која повеќе личи на говорник на митинг, отколку на државник“, велат од СДСМ.
Македонија
Лимани: Наша заедничка заложба е општество во кое здравјето и социјалната заштита одат „рака под рака“

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани присуствуваше на промоцијата на Стратегијата за соработка на Светската здравствена организација (СЗО) со Република Северна Македонија, која има петгодишна рамка (2026–2030) и претставува дефинирање на партнерската соработка на СЗО со Владата на Република Северна Македонија.
Стратегијата е дизајнирана за директно да ги поддржи националните здравствени цели, обврските за пристапување кон ЕУ и Глобалните цели за одржлив развој на Обединетите нации. Нејзината главна мисија е трансформација на здравствениот систем во одржлив, правичен и високоефикасен систем, со што повторно ќе се воспостави довербата на јавноста и ќе се подобрат здравствените резултати за сите граѓани.
Министерството за социјална политика, демографија и млади е едно од клучните министерства вклучено во креирањето и имплементацијата на Стратегијата, особено во делот на поддршка на младите и ранливите групи.
„Денес зборуваме за наша заедничка заложба, да изградиме општество во кое здравјето и социјалната заштита одат рака под рака. Нашите политики се насочени кон борба против сиромаштијата и социјалната исклученост, со јасна цел – никој не смее да биде изоставен,“ истакна Лимани.
Тој потенцираше четири точки на делување со кои се опфаќаат: жртвите на насилство, на кои им е неопходна системска, професионална и достоинствена поддршка, постарите и лицата со попреченост и заложбите за развој на стандарди за интегрирана здравствено-социјална грижа, демографска политика фокусирана на семејствата и младите и унапредување на менталното здравје кое е приоритет во Стратегијата за млади.
„Ние водиме политики за луѓето, за мајката што се грижи сама за децата, за пензионерот во рурално село, за млад човек што се бори со анксиозност, за жената која се ослободила од насилство,“ порача Лимани.
Тој заклучи дека покрај тоа што стратегијата ги отсликува националните приоритети, на овој начин се создава Меѓународен сојуз за правда, здравје и еднаквост.
Македонија
Коцевски и Абази на регионална конференција за соработка во санкционирањето на воените злосторства

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази учествуваат на Регионалната конференција на јавни обвинители за соработка во обработката на предмети за воени злосторства што се одржува во Бриони, Република Хрватска.
Форумот, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со поддршка од ЕУ и Владата на Обединетото Кралство, го отворија хрватскиот Генерален државен обвинител Иван Турудиќ, министерот за правда, администрација и дигитална трансформација на Хрватска Дамир Хабијан, како и Главниот обвинител на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали Серж Брамерц.
Дискусијата се фокусираше на механизмите за јакнење на регионалната соработка, заемното уважување на доказите и поддршка на жртвите и сведоците.
Во Република Северна Македонија нема активни постапки за воени злосторства, но македонското обвинителство е посветено на јакнење на каналите за меѓународна соработка кои треба да гарантираат дека ниту едно злосторство каде било во светот нема да остане неказнето, истакна јавниот обвинител Коцевски пред учесниците на форумот.
“Воените злосторства се најтешките форми на нарушување на човековите права и на хуманитарното право. Тие се санкционирани и во македонскиот Кривичен законик. Ефикасниот кривичен прогон на воените злосторства е прв чекор кон помирување и траен мир”, рече Коцевски.