Култура
МОБ ќе се спаси од извршителите, за долгот од 800.000 евра ќе се прави ревизија

Сметката на Македонската опера и балет ќе биде итно деблокирана со уплата од речиси 15.000 евра за да може институцијата да продолжи со работа. Директорот Васе Ристов веднаш побарал помош од Министерството за култура и совет од Владата како да се реши проблемот. Со оваа уплата сметката ќе биде ослободена, но за тоа како и зошто институцијата била втурната во долг од 800.000 евра, ќе се прави дополнителна ревизија. Увидот, односно ревизијата, ќе ја прават тројца нововработени, од кои еден раководител и двајца соработници бидејќи, според Ристов, секое друго решение, како да се чека на државна ревизија или да се ангажира приватна ревизија, е скапо и неефикасно.
„Во овој момент не можам да посочам директна одговорност за оваа состојба и за тоа ќе се погрижат ревизорите, кои ќе почнат со работа по претседателските избори. Овие долгови се калемеле повеќе години и обврските ги преземал секој нов раководител, а тие се зголемувале. Првото извршно решение ни стигна за долг од 2015 година за неисплатени обврски за печатени материјали. Важно е дека сега успеавме да се деблокираме и институцијата ќе продолжи непречено да работи. Не можам во овој момент да констатирам дали се правени злоупотреби на средства или не, но, секако, кога ќе заврши ревизијата и се утврдат неправилности, работата ќе ја преземат надлежните институции до конечно повикување на одговорност“, изјави Ристов за „Макфакс“.
Освен неисплатени обврски за печатење, како што дознава „Макфакс“, МОБ должи и за неисплатени хонорари, пробивани се буџети за оперски и балетски претстави, а не се штедело и за јадење и пиење.
Неисплатените обврски се прелевале од година на година и секој нов раководител ги наследувал, но не ги намирувал долговите на претходниот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Народен пратеник“ на МНТ продолжува со регионалната турнеја, следна станица „Борини позоришни дани“

Претставата „Народен пратеник“ на МНТ продолжува со успешната регионална турнеја.
На 24 октомври, во главната натпреварувачка програма, ова сценско остварување ќе биде изведено на сцената на театарот „Бора Станковиќ“ во Врање, Србија, како дел од 45. издание на реномираниот театарски фестивал „Борини позоришни дани“.
Со ова дело, Бранислав Нушиќ уште еднаш потсетува дека смеењето е најсилното оружје против глупоста и корупцијата. Неговата извонредна сатира за човековата суета, лицемерието и алчноста, преку ироничен хумор го пресликува малиот човек што, стекнувајќи политичка моќ, губи морален компас. Критичарите ја истакнуваат важноста на оваа драма, која нуди реалистичен приказ на општествените односи, засновани врз корупција и лицемерие, додека истовремено им се потсмева на политичката култура и на народната наивност. „Народен пратеник“ е безвременско дело, бидејќи темите за амбицијата, поткупот и честољубието и денес се актуелни.
Во режија на Егон Савин, еден од водечките театарски режисери на Балканот, во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Селекторот на годинашното фестивалско издание, д-р Мирослав Радоњиќ, во селекцијата вклучи седум претстави од водечки театри од регионот, кои ќе се натпреваруваат за главните награди на фестивалот и една претстава што ќе биде изведена во чест на наградените.
Освен Македонскиот народен театар, во натпреварувачката програма учествуваат: Театар „Бора Станковиќ“ – Врање, Битеф театар – Белград, Народно позориште – Белград, Народно позориште на Република Српска – Бања Лука, Градско позориште „Семберија“ – Бијељина и Звездара театар – Белград.
„Борини позоришни дани“ годинава се одржува од 21 до 28 октомври и веќе четири и пол децении претставува значаен културен репер на српската и регионалната театарска сцена, промовирајќи квалитетни сценски уметности и отворајќи простор за дијалог меѓу различни естетики, поетики и културни контексти.
Со учеството на овој значаен фестивал, МНТ уште еднаш ја потврдува стратегиската ориентација кон регионална соработка, културна размена и афирмација на македонската театарска уметност пред пошироката меѓународна јавност.
Култура
Драмски со претставата „Кармен“ на театарски фестивал во Анкара

Со монодрамата „Кармен“, Драмски театар Скопје на 24 октомври ќе учествува на 17. Меѓународен театарски фестивал ЕТХОС Анкара 2025. Фестивалот се одржува од 16 до 26 октомври во главниот град на Турција. Годинава под мотото „Градот и театарот“ на фестивалот ќе учествуваат театарски уметници, амбасадори на културата, претставници на центри за култура и членови на граѓанските и невладини организаци од над 20 земји. Публиката ќе може да ги следи театарските претстави и останатите фестивалски настани на повеќе сцени низ Анкара.
Драмски театар Скопје со монодрамата „Кармен“ во која ликот на Кармен го игра Биљана Драгичевиќ – Пројковска, учествувал на десетина меѓународни фестивали и тоа во Грузија, Молдавија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија и Албанија како и на десетина гостувања во нашата земја.
Монодрамата „Кармен“ е создадена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајковски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија.
Култура
Во македонскиот КИЦ во Загреб отворена изложба за фотографите на Арсовски, кои ги поврзаа Скопје и Загреб

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб вчера беше промовирана научната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“ и отворена изложбата „Арсовски – фотографи“ посветена на претходно целосно непознатото, но исклучително вредно фотографско творештво на семејството Арсовски.
Изложбата и публикацијата отвораат ново поглавје во историјата на македонската и хрватската фотографија со кое што се надополнува значаен сегмент во историјата на македонската и хрватската фотографија.
Научната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“, чиј автор и уредник е д-р Ива Просоли, објавена во двојазично хрватско-македонско издание, содржи текстови од македонски и хрватски автори и истражувачи.
Монографијата и изложбата ја претставија авторките и кураторите како и директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на Музејот за уметности и занаети Сањин Михелиќ кои ги потврдија заложбите за промоција на културните вредности, продлабочување на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија, потенцирајќи дека во годината кога Музејот за уметности и занаети ја одбележува 145-годишнината од постоењето организирани се две заеднички значајни изложби кои што наредната година ќе бидат претставени во Музејот на град Скопје и во македонската Национална галерија.
„Поводот за истражување на фотографското семејство Арсовски беше покана од Дејан Кршиќ, кој, додека подготвуваше монографија за Михајло Арсовски, наиде на фотографии од семејното наследство“, нагласи д-р Ива Просоли, уредник и автор на изложбата и монографијата. Преку истражување во архиви, музеи и приватни колекции, реконструиран е фотографскиот опус на семејството Арсовски, со голема уметничка вредност и исклучителен технички квалитет, опфаќајќи урбани сцени од старо Скопско, христијански споменици, обичаи, жетва, мода и општествени трендови и секојдневниот живот во македонскиот меѓувоен период. Денес, нивното дело претставува вреден документ за колективната меморија на еден простор и време.
Изложбата „Арсовски – Фотографи“ ќе биде отворена до 10 ноември 2025 година во македонскиот Културно – информативен центар во Загреб. Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб овој проект го реализираше во соработка со Музејот на уметности и занаети, Загреб и Музејот на град во Скопјe.
Две генерации заборавени фотографи
Семејството фотографи Арсовски, од кое потекнува еден од најзначајните хрватски графички дизајнери Михајло Арсовски, работело во Скопјe две генерации, а потоа и во Загреб. Иако нивните студија, прво на браќата Арсиќ, а потоа на „Електрофот“, биле важни фотографски центри во Скопјe во периодот меѓу двете светски војни, делото на ова семејство не било познато ниту професионално третирано досега. Првиот познат фотограф во семејството бил Васил Поп-Арсов, фотограф и учител, кој отворил фотографско студио во центарот на Скопјe на почетокот на 20 век. Неговите синови, Константин (Коста) и Владимир, ја продолжија семејната традиција, преземајќи го студиото на нивниот татко во 1926 година, а во средината на 1930-тите отворија уште едно студио наречено Електрофот. По Втората светска војна, Коста и неговото семејство
се преселија во Загреб, каде што тој водел фотографско студио со исто име до 1957 година, додека Владимир заминал во Париз.
Две генерации заборавени фотографи
Семејството фотографи Арсовски, од кое потекнува еден од најзначајните хрватски графички дизајнери Михајло Арсовски, работело во Скопјe две генерации, а потоа и во Загреб. Иако нивните студија, прво на браќата Арсиќ, а потоа на „Електрофот“, биле важни фотографски центри во Скопјe во периодот меѓу двете светски војни, делото на ова семејство не било познато ниту професионално третирано досега. Првиот познат фотограф во семејството бил Васил Поп-Арсов, фотограф и учител, кој отворил фотографско студио во центарот на Скопјe на почетокот на 20 век. Неговите синови, Константин (Коста) и Владимир, ја продолжија семејната традиција, преземајќи го студиото на нивниот татко во 1926 година, а во средината на 1930-тите отворија уште едно студио наречено Електрофот. По Втората светска војна, Коста и неговото семејство се преселија во Загреб, каде што тој водел фотографско студио со исто име до 1957 година, додека Владимир заминал во Париз.