Македонија
Може нема да се менуваат табличките туку врз нив ќе се ставаат НМК налепници, вели Спасовски
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа најавувa дека е можно да се донесе решение во врска со регистарските таблички на возилата кое нема да претставува финансиско оптоварување на граѓаните.
Тој укажува дека оваа обврска произлегува од Преспанскиот договор, но дека е во тек дебата за начинот како ќе биде спроведена, со оглед на бројните реакции дека обновувањето би ги чинело граѓаните вкупно 11 милиони евра. Спасовски вели дека се размислува и за друг, поевтин начин, односно за ставање налепници врз постоечките таблици.
„Имаме ние формирано веќе работна група во МВР којашто работи токму на овој аспект бидејќи разговаравме и со министерот за транспорт и врски, имаме комуникација преку МТПС со „Макамтранс“ затоа што промената подразбира и промена во документацијата, дозволите и т.н и за мене е најважно што може да се помогне за сите. Знаеме дека обврската е до наредната година да бидат променети табличките како што впрочем е и со документите и ние мислам дека за многу кратко време ќе имаме решение коешто би било поволно за граѓаните. Јас така барем се надевам и очекувам со тоа што од друга страна ќе мора да се стават и норми на строги казни за сите оние коишто нема да го почитуваат тоа како решение. Мора да направиме комбинација којашто ќе биде од интерес на граѓаните меѓутоа и да имаме сериозна одговорност. Така што, налепниците се една од опциите, меѓутоа кога ќе се донесе одлуката и решението ќе ги соопштиме на граѓаните. Секако дека нас ни е најважно да бидат задоволни граѓаните“, вели министерот Спасовски во интервјуто за Радио Слободна Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

