Македонија
МОН: Годинава се обезбедени и дистрибуирани 1,4 милион учебници
Обезбедувањето учебници за учениците од основните и средните училишта како процес под надлежност на повеќе институции и тела, под координација на Министерството за образование и наука, годинава е значително унапреден. Тоа го потврдува фактот што преку откуп на учебници за кои Министерството не ги поседува авторските права и преку печатење на оние што се во сопственост на МОН досега во 2023 година обезбеден е тираж од 1.374.324 учебници. Над 98 % од нив се веќе дистрибуирани, информираат од Министерството за образование и наука.
За споредба пред 5 години, како што велат, односно во 2018 година биле набавени 823.604 учебници.
„Во 2019 се набави тираж од 655.934 учебници, во 2020 вкупно 732.634 учебници. Во учебната 2021/2022 година се набавија вкупно 748.421 учебници. Податоците покажуваат дека учебникот како едно од основните полагала за совладување на наставната материја по сите предмети е значително подостапен за разлика од минатите години“, истакнуваат од МОН.
Информираат дека учебниците од прво до петто одделение, за кои МОН ги поседува авторските права, годинава се целосно набавени и испорачани до училиштата, исто како и учебниците од седмо до деветто одделение, кои се во сопственост на издавачки куќи. За шесто одделение одобрени се учебниците по природни науки, македонски и албански јазик, чија дистрибуција ќе заврши во текот на следната недела. Одобрен е и учебникот по математика и по завршување сите постапки, ќе може да се печати и испорача.
„Важно е да се истакне дека по 15-ина години првпат се обезбедени нови учебници по 150 предмети во средното стручно образование, но и во гимназиското. И тие исто така етапно се печатат и испорачуваат до училиштата во согласност со искажаните потреби преку електронска апликација на Министерството пред почетокот на учебната година.
Учебникот е едно од наставните средства што се користи за постигнување на целите на воспитно-образовниот процес и треба да овозможи постигнување на националните стандарди на знаење, учење со разбирање и подигнување на креативноста, иновативноста и критичкото размислување кај учениците. Изработката на квалитетен учебник е комплексен процес што зависи од повеќе фактори, независни од системско влијание“, се истакнува во соопштението од МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

