Македонија
МОН: Наставниците и учениците да се однесуваат одговорно и надвор од училиштата
Министерството за образование и наука апелира до наставниците и учениците доследно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 и одговорно да се однесуваат и надвор од работните места и од училиштата со што ќе го спречат ширењето на болеста.
Од МОН велат дека протоколите за заштита од заразата докажано функционираат, доколу сите се придржуваме на пропишаните мерки за заштита. Од целокупното одговорно однесување, велат од МОН, ќе зависи и продолжувањето на наставата со физичко присуство во училиштата.
„Министерството за образование и наука, заедно со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги презема сите мерки, препораки, протоколи, алгоритми и укажуваме на нивно целосно почитување од страна наставниците, учениците и родителите. Благодарение на воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува во време на пандемија. Над 80% од учениците ги следат часовите онлајн без никакви потешкотии“, велат од МОН.
За останатиот дел кои немаат уреди или интернет-конекција часовите се емитуваат на телевизија преку Националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал.
Од Министерството за образование и наука велат дека се во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Времето денеска сончево и потопло
Времето денеска во земјава ќе биде претежно сончево и потопло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје претежно сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степен.
Утре времето ќе биде претежно сончево и топло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.