Македонија
МОН: Од септември повисоки плати за вработените во високото образование
Вработените во високото образование и науката од септември ќе добијат 10 % повисоки плати, а ќе им биде исплаќан и минат труд, кој само некои од установите го исплаќале досега откако Самостојниот синдикат за образование, наука и култура СОНК првпат потпиша колективен договор со Министерството за образование и наука. Независниот академски синдикат исто така се приклучи кон колективниот договор, информира денеска Министерството за образование.
„Со вклучувањето на Независниот академски синдикат во колективниот договор првпат во 30 години независна држава професорите директно преговараа за своите права со МОН, без посредство на раководните структури на државните универзитети. Од синдикатите сметаат дека овој колективен договор е исклучително важен за правата на работниците во однос на решенија на системски проблеми што ги засегаат вработените во секторот со години, социјалниот дијалог и регулирањето на односите помеѓу разните фактори и препознавањето на она што е значајно во политиката на високото образование и науката“, велат од МОН.
Од таму појаснуваат дека со новиот колективен договор е направен чекор во позитивна насока да се реализираат барањата од првите две години на петгодишниот предлог-план. Очекуваат унапредувања на правата на сите вработени и реализирање на зацртаните барања во целост и дека со забрзано темпо ќе се реализираат по завршување на здравствената криза предизвикана од пандемијата.
„Колективниот договор ги нормира и унапредува правата на работен однос во секторот високо образование и наука: вработување, унапредување, право на годишен одмор, право на платено и неплатено отсуство, право на испратнина, заштита од отказ, услови за парична помош, синдикална организација итн. Во договорот се дефинира начин за пресметување на платата, кој се темели на степенот на сложеност и одговорност на работното место, изразен како коефициент во однос на просечната државна плата. Со овој начин на пресметка се обезбедува систем на валоризација, но и континуиран раст на платата, која ќе расте заедно со просечната плата, со што се оневозможува стагнирање на платите како во изминатиот период“, стои во известувањето од Министерството за образование и наука.
Дополнително, додаваат од таму во основната компонента на платата ќе се исплаќа и минат стаж. Колективниот договор го утврдува и горниот праг на оптовареност на наставниот кадар со задолжителна настава и прекувремен број часови, како и исплаќање на прекувремената работа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.

