Македонија
МОН: Реформите ги правиме во консултација со сите засегнати страни
Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба којашто ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Северна Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. Ова беше истакнато на денешниот работен состанок на претставници од Mинистерството за образование и наука кои ги сослушаа барањата на Иницијативата за бојкот на наставата.
Министерството за образование и наука, како и за сите останати реформски процеси така и за Законот за учебници консултира и го слуша мислењето на сите засегнати страни. Сепак, во носењето на законското решение предност се дава на квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, така што, тоа не смее да биде причина за бојкот, велат од оваа институција.
„Дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година. И таа е глобален процес кој нема и не треба да ја одмине нашата земја. Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот“, стои во писменото соопштение.
Ова е досегашната практика и начин на работа на МОН, принципи по кои ќе се водиме и во иднина. Затоа што само јавен и широк процес во кој се вклучени сите засегнати страни и експертската јавност, може да резултира со подобар квалитет на националниот образовен систем и со обезбедување повеќе и подобри можности за учениците, студентите, наставниците и професорите.
Потсетуваме дека новото законско решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека истите ќе бидат достапни во аудиоформат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Исто така, преку поставувањето на повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, се елиминира веројатноста за појава на грешки од било каква природа, а се воведуваат и содржини од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите и слично. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина, посочуваат од ресорното министерство.
Додаваат дека МОН останува отворена институција за соработка со секој заинтересиран поединец, група, граѓанска организација, здружение со намера да даде конструктивен предлог, идеја или коментар за унапредување на содржината и квалитетот на законското решение, земајќи го во преден план најдобриот интерес на учениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Вo среда ќе има врнежи од дожд, локално пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта, кога во западните делови ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе бидат претежно од снег. Во западните делови се очекува да се формира нова снежна покривка. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег.
Македонија
Посебен сообраќаен режим денеска во Скопје
Денеска, по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.

