Македонија
МОН: Се доделуваат 3.000 стипендии за студентите
На интернет-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk, објавен е конкурсот за доделување на студентски стипендии за академската 2022-2023 година. Предвидено е да бидат доделени вкупно 3.000 стипендии, а годинава се воведени и три нови категории, кои се резултат на информациите за недостиг на кадар во одредени области.
За првпат ќе се доделат 30 стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки. Новина се и 15-те стипендии за додипломски студии за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик) и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик). Исто така, 15 стипендии се предвидени за прв пат и за студентите запишани на додипломски студии по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.
Вкупно 1.470 стипендии се наменети за редовни студенти од социјалните категории. За студентите од научните подрачја на техничко-технолошките науки, биотехничките, општествените и хуманистичките науки се предвидени 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.
За студентите запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности се предвидени 15 стипендии.
Предвидени се и 500 стипендии за студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од I-та до тековно запишаната студиска година најмалку 8,00 просечен успех.
30 стипендии ќе се доделат на студенти запишани на студиски програми по хемија, 20 на студенти запишани на физика и 20 за студиските програми по математика.
Предвидени се и 30 стипендии за студенти кои се запишани во прва година на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.
Во конкурсот се наведени сите услови, критериуми и потребните документи за аплицирање со цел остварување на правото на користење на секоја категорија на стипендии. Оваа година аплицирањето е исклучиво електронски преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk и хартиени апликации преку архивата на МОН, нема да се прифаќаат. Рокот за аплицирање започнува денес и трае до 5.12.2022 година.
Сите категории на стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година и во износ од 6050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и новите за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки кои изнесуваат 18.000 денари месечно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.
Македонија
Утре ќе биде променливо облачно, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

