Македонија
МОН ја поздравува одлуката на СОНК за мирување на штрајкот

Министерството за образование и наука ја поздравува денешната одлука на СОНК за мирување на штрајкот, која пред сé е во интерес на учениците и континуитет на процесот на образование и со која се обезбедува уставно загарантираното право на образование на децата.
Тргнувајќи од итноста за заштита на јавниот интерес на граѓаните, правото на образование и последиците кои можат да настанат во случај кога овој процес е прекинат, а воедно земајќи ги предвид и барањата на СОНК, Министерството за образование и наука постапи согласно Законот за мирно решавање на работните спорови и во текот на денешниот ден упати барање до Министерството за труд и социјална политика за одредување на помирувач во овој процес.
Со оваа одлука, Министерството за образование и наука ја искажува спремноста за продолжување на процесот на преговори со социјалните партнери и изнаоѓање на најдоброто решение за сите во овој случај.
Министерството, односно Владата, се и ќе бидат партнери на синдикалните организации, преку обезбедување социјален дијалог со цел унапредување на работничките права на граѓаните на Република Северна Македонија и во тој процес сме отворени за континуирана соработка и размена на мислења и ставови, чија цел ќе придонесе кон подобри работни услови и мотивирани просветни работници, што ќе влијае и на зголемување на квалитетот на образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фатон Селами предложен за нов Народен правобранител од владеачката коалиција

Пратениците од владеачката коалиција во Комисијата за избори и именувања го избраа 40-годишниот Фатон Селами за предлог кандидат за нов Народен правобранител.
Селами во моментот е општински советник во Тетово од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата Вреди, а предложен е од координаторот на пратеничката група Беким Ќоку. Опозициските пратеници од Европскиот Фронт го оспорија изборот.
За избор на Народен правобранител потребни се најмалку 61 глас и најмалку 20 гласови од пратениците од помалите етнички заедници.
Селами има десетгодишно искуство во канцеларијата на Народниот правобранител, магистратура, и минато како државен секретар во Министерството за правда. Исто така, има положено правосуден и нотарски испит и има авторски трудови за човекови права.
Македонија
Трајно одземање на возилата за пијани и дрогирани возачи кои дивеат низ улиците – нови ригорозни мерки

Со новите измени на Законот за безбедност во сообраќајот, Законот за прекршоци и Кривичниот законик, на најнеодговорните учесници во сообраќајот – како што се лицата кои возат без возачка дозвола, под дејство на алкохол или дроги, и оние што управуваат со екстремна брзина – ќе им биде одземано возилото трајно. Ова е првпат ваква мерка да се воведе во Македонија.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој ја сподели информацијата, истакна дека нема да има зголемување на глобите, но новите санкции ќе бидат далеку поригорозни. Освен конфискација на возилото, со измените на Кривичниот законик, секое безобѕирно управување ќе резултира и со задолжителна затворска или условна казна, покрај паричната.
„На човек без возачка дозвола, под дејство на дроги и алкохол, не смее да му се дозволи да биде дел од сообраќајот“, рече Тошковски.
Додаде дека на таквите возачи, ќе им ги одземат возилата и ќе бидат донирани на институции, кои потоа ќе ги стават во функција на сите граѓани.
Македонија
За распишување на изборите Гаши ќе го чека последниот рок поради краткото време за избор на омбудсман и претседател на ДКСК

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, нема да брза да ги распише локалните избори, кои треба да се одржат оваа есен оти сѐ уште не се избрани нов народен правобранител и нов претседател на Државната комисија за спречување корупција откога досегашниот омбудсман се пензионира, а досегашната претседателка на ДКСК поднесе оставка.
„Најавивме дека сме во едно кратко време во врска со изборот на народниот правобранител и на претседателот на ДКСК. Ќе гледаме да ги распишеме изборите до крајниот датум, до кој законски сме обврзани. Ќе чекаме до крај за секој ден да го употребиме во насока на реализација на овие две цели“, рече претседателот на Собранието, Гаши.
Доколку договорен датум за изборите е 19 октомври, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, Собранието треба да ги распише најдоцна до 10 август кога истекува законски најкусиот рок до изборите од 70 дена. Собранието може да ги распише изборите 70-90 дена пред договорениот датум.
За помалку од десет дена Собранието ќе се обиде да најде решение за испразнетите места на нардониот правобранител и на претседателот на ДКСК. Претседателот Гаши рече дека законските одредби не прецизираат докрај дали во период на распишани избори може да се врши изборот на народниот правобранител и на претседателот на ДКСК. Во овие неколку дена до распишувањето на изборите Гаши најави дека ќе се трудат да завршат што е можно повеќе од предвидените процедури за испразнетите места во институциите и рече дека е спремен да ги намали роковите колку што може за овие две институции да не останат обезглавени.