Македонија
МОН: 17,3 милиони денари за развој и опремување на лабораториите на факултетите и научните установи
Дополнителни средства за наука во висина од 17,3 милиони денари обезбеди Министерството за образование и наука преку својот буџет за 2021 година, како поддршка за развој на лабораториската инфраструктура во рамки на научните и високообразовните установи, а со цел зголемување на обемот на научно истражувачка дејност преку реализирање на проекти од посебен и јавен интерес. За оваа намена денес е објавен јавен повик а на кој можат да се пријават институциите што работат и придонесуваат во областа на науката.
Со согласност од Владата, МОН одлучи да даде дополнителна поддршка за развој и унапредување на инфраструктурата и условите во лабораториите во рамки на државните високообразовни и научни институции, при што ресурсите кои ќе се обезбедат не само што ќе бидат достапни за истражувачкиот персонал вработен во истите, туку пристап до нив, за истражувачки и едукативни цели треба да им се обезбеди и на надворешни корисници, односно научници и истражувачи со идеи за проекти од особена важност за државата и јавниот интерес.
Јавниот повик преку кој ќе се распределат предвидените средства, овозможува аплицирање за три типа на поддршка и тоа: за формално признавање на компетентноста на лабораториите, на пример преку акредитација на методите кои ги применуваат во работењето, понатаму поддршка за одржување на техничката компетентност и воведување на нови аналитички методи во рамки на лабораториите и поддршка за набавка на опрема што подразбира модернизација на лабораториските ресурси.
Потенцијалните апликанти, односно државните универзитети – факултети/научни институти и јавни научни установи – националните научни институти, како самостојни ентитети кои вршат дејност од посебен и јавен интерес за Република Северна Македонија, можат да ги поднесат своите апликации за одобрување на средства во рок од 45 дена од објавата на повикот. Разгледувањето и рангирањето на апликациите ќе го врши посебна комисија формирана за оваа намена.
МОН работи на целосна промена на начинот на финансирање на научно истражувачката дејност преку воведување програмско и планско финансирање и продолжување на грантовото финансирање. Исто така, во подготовка е нов Закон за научно истражувачка дејност од страна на работна група составена од претставници на сите универзитети и претставници на научните институти, информираат од министерството.
Целта на промените кои ќе следат и по однос на измените на законската регулатива и по однос на обезбедувањето што повеќе буџетски средства за наука како што велат е да се зголеми учеството на БДП во науката и да се приближи на нивото на кое што е во земјите од ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

