Македонија
Мораме да размислуваме како да си ги вратиме децата назад, од понеделник ќе ги имаме првите враќања, најави Клековски
Од понеделник се очекуваат првите повлекувања од странство на повредените пациенти, кои по пожарот во Кочани, беа препраќани на лекување. Вака најави директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, синоќа во гостување во централниот дневник на телевизијата „Сител“. Лекувањето на пациентите ќе продолжи кај нас имајќи предвид дека лекувањето изгореници е процес што може да трае и неколку месеци.
„Ние мораме да размислуваме за 150-ина повредени, на кои ќе им треба продолжена нега и третман. Зборуваме за трансплантација на кожа, зборуваме за рехабилитации. Така што, ние мораме да размислуваме како ќе си ги вратиме децата назад и мислам дека веќе од понеделник ќе ги имаме првите враќања“, рече директорот Клековски.
Тој уверува дека во земјата има лекари што може да се справат со лекување изгореници оти дел од тимот што работел во единствениот центар за изгореници во рамките на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ сѐ уште е активен во болницата иако центарот е затворен од 2016 година. Токму затоа многу од повредените во пожарот биле прифатени токму во оваа болница, покрај Клиничкиот центар и Градска општа болница „8 Септември“.
Директорот Клековски и синоќа рече дека нашите лекари помош имаа и од тим од Воено-медицинската академија во Белград, кои помагале во „8 Септември“, но по првите два дена морале да заминат оти се зголеми бројот на пациенти во Белград. Рече и дека македонските лекари имале помош и од тим од Чешка, кој работел на Клиниката за пластична хирургија, а помагале и три тима од Израел.
На лекување во странство изминативе пет дена се испратени вкупно 106 повредени. Од нив, 30 се во Србија, 15 во Бугарија, четворица во Словенија, петмина во Хрватска, 12 во Грција, четворица во Италија, шестмина во Австрија, четворица во Белгија, четворица во Литванија, 12 во Турција, двајца во Шведска, шестмина во Унгарија и двајца во Полска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

