Македонија
Мојсовски: Три милиони евра за непречено спроведување на активностите на спортистите
Три милиони евра доделува Владата за непречено спроведување на активностите на спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти во услови на Ковид-19, сооошти директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.
Тој денеска на прес-конференција зборуваше за континуираното вложување и обезбедување услови за квалитетни спортски можности од страна на АМС и Владата.
„Вкупно 184,5 милиони денари, односно 3 милиони евра, ќе се насочат кон спортските субјекти на кои им е издаден ваучер. 666 спортски субјекти, 60 федерации и 173 спортисти досега добиле спортски ваучер. Со оваа владина одлука, усвоена на 65-тата седница, на наменските сметки на спортските субјекти на кои им се издадени ваучери за 2021 година, ќе им бидат уплатени најмногу до 30 проценти од вредноста на издадениот ваучер како еднократна финансиска помош, утврдена во официјалната листа на спортски субјекти кои се објавени на веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт“, рече Мојсоски.
Управата за јавни приходи до Агенцијата за млади и спорт ќе достави листа на спортски субјекти кои се корисници на спортскиот ваучер и кои имаат поднесено и одобрено барање за даночно ослободување за донирање финансиски средства на спортски субјекти.
Веднаш потоа, Агенцијата за млади и спорт ќе изврши евалуација на листата и до УЈП ќе достави листа на спортски субјекти и износ за користење на остатокот од ваучерот кој им издаден за 2021 година, по што конечната листа ќе биде доставена до Генералниот секретаријат на Владата и ќе следува исплатата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

