Македонија
Мртвородено бебе во битолската болница, докторите се обиделе да го реанимираат – но безуспешно
Бебе починало при пораѓање мајка на возраст од 21 година во битолската болница. Причините за смртниот исход ќе треба да ги покаже обдукцијата. Бебето било родено со царски рез, посочува директорката на болницата, Елизабета Ивановска, за „Макфакс“. Според неа, бременоста на родилката не била контролирана. Таа додава дека бебето било извадено без срцева акција, а не помогнале ниту реанимациите. Мајката во Македонија немала контролирана бременост, а до седмиот месец била во Германија.
Прва контрола на родилката била на крајот на седмиот месец на приватен гинеколог. Од таму била препратена во битолската болница, каде што е породена. Дали бременоста била контролирана во Германија директорката не знаеше.
„Досега имала четири бремености, две бебиња ѝ се починати. На истиот начин ѝ починало бебето и пред три години. Бебето е родено мртво, без фрекфенција, без срцева акција. Реанимирано е, немало никаков одговор. Имало голем вишок плодова вода. Поради тоа, направен е и царски рез. Најверојатно, имало аномалија бидејќи во 90 отсто од случаите, кога има вишок плодова вода, тоа е причината“, вели Ивановска за „Макфакс“.
Таа посочува дека родилката немала забелешки од докторката што ја породувала.
„Незадоволство немаше“, додава Ивановска.
Родилката ќе биде задржана во болница.
„Таа е добро, ќе биде во болницата, како што е според протоколот“, додава Ивановска.
Пред три месеци во битолската болница почина бебе, исто така на млада родилка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

