Македонија
МТСП: Дневни центри, финансиска помош и домашна нега за лицата со попреченост
Унапредување на правата и овозможување подобри услови за лицата со попреченост беше и останува приоритет на Министерството за труд и социјална политика и следната година. Со новиот Закон за социјална заштита се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега. Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува на 50% од просечна нето плата, информира Министерството за труд и социјална политика.
Како подршка на биолошките семејства кои имаат деца со попреченост се зголемува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15%. Воедно се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26 годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години на живот за жена, односно 64 години на живот за маж.
Во 2019 година ќе се развива услугата за одмена на семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Закон за социјална заштита. Исто така започна воведувањето на образовните и личните асистенти во настава кои им овозможуваат поддршка на децата со попреченост во образовниот процес. Преку активните мерки за вработување од 1 октомври 2017, па се до 1 јуни 2018 беа ангажирани вкупно 140 образовни асистенти во 18 општини во државата. Во новата учебна година 2018/2019, овој број е зголемен со учество на 34 општини и 300 асистенти во настава.
Во 2018 година се направени првите чекори за воспоставување индивидуализирани социјални услуги во заедницата – за првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од Буџетот на МТСП. По завршувањето на подготовките, вклучувајќи обука на идните персонални асистенти вкупно 69 лица во 7 општини добија можност да ја користат услугата лична асистенција во следните општини. За следната 2019 година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга, вклучувајќи ги лицата со интелектуална попреченост.
Изминатата година отворени се и неколку нови Дневни центри. Конкретно Дневни центри за деца со церебрална парализа во Прилеп и Скопје, Дневни центри за деца со попреченост во Велес, Кочани, Македонска Каменица, Центар за продолжен престој на деца со попреченост – Куманово, а во завршна фаза е отворањето на Центар за престој и рехабилитација на деца со даунов синдром во Скопје. Завршени се градежните работи за реновирање и адаптација на Центар за рехабилитација на лица со попреченост во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци Скопје и комплетно е реновиран дневниот центар кои функционира во рамките на установата.
Владата изминатата година ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, кој предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформа на системот за социјална заштита. Во рамки на овој процес сите деца под 18 години беа изнесени од СЗ Демир Капија и сместени во мали групни домови до крајот на 2018 година. Во соработка со УНДП, УНИЦЕФ, УНФПА започнат е проект за трансформација на Заводот за рехабилитација на лица со телесна попреченост Бања Банско Струмица, за што се веќе подготвени 17 лични планови за дел од сместените корисници.
Сите овие новини значително ќе ги зголемат правата на лицата со попречност, ќе се зголеми обемот на услуги до коишто истите ќе имаат пристап, ќе се преземат сериозни активности и ќе се вложат зголемени финансиски средства во индивидуалните услуги кои ќе овозможат независен и живот на лицата во нивното место на живеење и нивно поголемо социјално вклучување, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.
Македонија
Се заканувал со напад со „калашников“, иснпириран бил од настан од САД: дваесетгодишник од Мала Речица под истрага за тероризам
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам.
Осомничениот на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.2.2026 година под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и асистенција на САЕ Тигар извршија претрес на дом и други простории во Мала Речица.
При претресот кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум Iphone мобилни телефони и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и со Решение мерката е определена во траење од 30 дена, соопшти обвинителството.
Македонија
Првиот том на етимолошкиот речник – капитално дело за македонскиот јазик реализирано со буџетска поддршка, ќе растат средствата за наука, најави Јаневска
Првиот том на Македонскиот етимолошки речник е дело од огромно значење за македонскиот јазик, литературата и науката. Целиот проект за прв ваков речник е доказ дека кога државата вложува во наука, а научните работници со посветеност истражуваат и создаваат нови вредности, тогаш имаме значајни и трајни резултати, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на Речникот којшто е еден од научно-истражувачките проекти што беа финансирани во 2025 од буџетски средства. Негов автор е професор д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука има полна поддршка од Владата да ги зголемува вложувањата во научни истражувања. Лани со 374 милиони денари беа финансирани 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети и факултети, на научните институти и на МАНУ, а во наредниот период ќе се вложуваат уште повеќе пари во науката и истражувањата.
Минатата година буџетот за наука беше речиси двојно поголем од 2024 и изнесуваше 680 милиони денари, а оваа година се обезбедени 773 милиони денари.
„Македонија мора да се сврти кон науката ако сакаме да направиме исчекор од досегашниот тек на работите во сите сфери. Премногу долго сме заробени во инерција, навики и модели што не носат напредок. Светот, па и регионот, одат напред со брзи чекори, а ние не смееме да си дозволиме само да ги гледаме“, укажа министерката Јаневска.
Финансирањето на издржани научни проекти веќе нема да биде проблем. Заедно со новите закони за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование ќе се создаде добра основа за развој на науката и истражувањата и важно е само научниците и професорите да сакаат да творат.

