Македонија
МТСП: Индексот на Родовата Еднаквост носи напредок во РСМ во однос на прашањето за родовата еднаквост
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска заедно со директорот на Државен завод за статистика на Република Северна Македонија, Апостол Симовски, Амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. Ами Ларсон Јаин, Раководителот на односи со јавност на Европскиот институт за родова еднаквост, Денис ван дер Веур и Националната координаторка на програмата за Родово одговорно буџетирање на UN Woman во Република Северна Македонија, Ивона Паунович Бишевац со нивните поздравни обраќања го отворија настанот каде беше промовиран Индексот на Родова Еднаквост во Северна Македонија (2022). Настанот е во организација на Министерството за труд и социјална политика со поддршката на канцеларијата на UN Woman во Скопје во рамките на проектот на UN Women „Промовирање на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиран од Швајцарија и Шведска.
„Денеска го претставуваме вториот национален извештај за родов индекс за 2022 година. На ваков начин ја создаваме можноста уште еднаш да се потврдат заложбите и посветеноста на Република Северна Македонија во унапредување на родовата еднаквост и еднаквите можности“ рече Тренчевска.
Таа посочи дека индексот ќе послужи како патоказ и место каде се наоѓаат сите податоци кои ќе придонесат во унапредување на остварувањето на родовата еднаквост.
„Родовата перспектива во последната деценија станува приоритетна област во сите сфери на општеството. И токму затоа, проектите од типот на овој – на кој блиску соработуваме со UN Women, се исклучително важни за подигнување на свеста за важноста на родовата еднаквост и за градење на мрежа и поврзување на институциите кои треба да ја имплементираат и спроведуваат оваа родова перспектива во своето секојдневно работење“ истакна директорот на државниот завод за статистика на РСМ, Апостол Симоновски.
Амбасадорката на Шведска во Република Северна Македонија, Н.Е. Ами Ларсон Јаин истакна дека родовата еднаквост не само што е важна за поединците, но исто така е важна и за економијата и просперитетот на една земја како целина. Таа посочи дека важно е да се признае дека родовата еднаквост не се однесува само на правата на жените туку дека станува збор за создавање општество кое е подобро за сите – за жените, за мажите и за нашите деца и млади.
„Шведска е горд партнер во развојот на родовата еднаквост во Северна Македонија. Горди сме што ги споделуваме нашите вредности и приоритети со институциите и партнерските организации во оваа земја и што го докажуваме напредокот и постигнатиот успех и ги поддржуваме многуте посветени и вешти актери во општините, регионите и на национално ниво каде што останува да се работи“ рече амбасадорката на Шведска Н.Е. Ами Ларсон Јаин.
Раководителот на односи за јавност на Европскиот институт за родова еднаквост, Денис ван дер Веур го истакна задоволството од учеството и поддршката на Република Северна Македонија при изработката на Индексот за родова еднаквост. Тој посочи дека Европскиот институт за родова еднаквост е особено горд што може да ги сподели методите и алатките за подобрување на прашањето за родовата еднаквост во земјите од Западен Балкан.
Националната координаторка на програмата за Родово одговорно буџетирање на UN Woman во Република Северна Македонија, Ивона Паунович Бишевац се осврна на историјатот од спроведувањето на Индексот на родовата еднаквост во РСМ.
„Кога прес неколку години, точно во 2018 година за прв пат се роди иницијативата за спроведување на Индекс за Родова Еднаквост и се сретнавме со тимот на Европскиот институт за родова еднаквост во Скопје, зборувавме како со заеднички напори да направиме Северна Македонија да стане една од земјите кандидатки за членство во ЕУ која спроведува сопствен Индекс за Родова Еднаквост“ рече Паунович.
Настанот беше затворен со презентацијата на Индексот на Родовата Еднаквост од страна на експертите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци, правда ќе има
Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивост за политичарите кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Дефокус не го полни фрижидерот, потребна е 600 евра минимална плата, велат од СДСМ
Со дефокус нема да ја тргнете темата за 600 евра минимална плата. Дефокус не го полни фрижидерот, истакнуваат од СДСМ.
„Со дефокус не можете да ја тргнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари. Повеќе не можете така да поминувате. На сите им е сè јасно. План за ребаланс на буџетот и кратење на луксузот ви дадовме. Прифатете го предлог-законот, откажете се од авионот, мебелот и луксузирањето. Дајте им на работниците тоа што го заслужуваат за пристоен живот.
Џабе ви се 40% од медиумите во сопственост на Орбан – гладен стомак не можете со пропаганда да го убедите дека е сит. Луѓето живеат тешко додека вие ги полните џебовите со тендери“.
Секојдневно ја задолжувате државата за вашите тендери, ги полните своите џебови додека луѓето едвај врзуваат крај со крај, реагираат од СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ.
„Вашите црни кампањи, така наречени новинари како Латас, Ивона, Геро и „суперхероите“ како Бетмен не поминуваат повеќе. Вашите Алфа/Алта мрежи не можат да го запрат незадоволството кај народот.
Прифатете го законот заради работниците – доста беше од вашите игри.
Ќе дојде ден кога правосудството ќе биде слободно – сите ќе одговарате“.
Македонија
Поради одрон на патниот правец Катланово – Велес, сообраќајот се одвива по една коловозна лента
Од 08:40 часот поради одрон на патниот правец А1 Катланово – Велес, на 2,5км после Б.П. Детоил сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 20 – 25 метри, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево

