Македонија
МТСП: Најдобар интерес за секое дете е да расте во семејна средина
Почна онлајн обуката за јакнење на капацитетот на системот за социјална заштита за проценка, подготовка и континуиран развој и поддршка на згрижувачките семејства. Претставници на МТСП, Заводот за социјални дејности, центрите за социјална работа и други социјални установи и граѓански организации од земјава, со долгогодишно искуство на полето на згрижувањето, ќе стекнат нови сознанија и информации за современите европски практики поврзани со згрижувањето. Обуката е дел од техничката помош на УНИЦЕФ за унапредување на згрижувањето и ќе ја реализираат двајца експерти од Велика Британија. Финансиската поддршка ја обезбеди британската амбасада.
Обраќајќи се на почетокот на обуката, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, нагласи дека јакнењето на згрижувачите е инвестиција во иднината на децата без родителска грижа.
„Сакаме сите деца да имаат среќно детство и во иднина да придонесуваат за благосостојбата на нашето општество. Кон промените во згрижувањето пристапуваме внимателно и земајќи ги предвид најдобрите искуства на нашите пријатели од Европа. Кога на почетокот од мандатот во 2017 година најавивме дека до крајот на 2020 нема да има повеќе деца кои живеат во големи, сиви и безлични институции, многумина беа скептични. Тоа го постигнавме една година порано. Сигурна сум дека во следните години ќе го унапредиме квалитетот на згрижувањето кај нас и ќе обезбедиме квалитетна семејна средина за сите деца во нашата земја“, рече Шкријељ.
Обуката е дел од активностите кои во наредниот период треба да резултираат со ревидирање на стандардите за квалитет и на процедурите поврзани со згрижувањето.
„Децата најдобро растат и се развиваат во средина исполнета со љубов и нега, поддржани од возрасни кои се грижат за нив и нивните потреби. Ниту една институција, без оглед колку е опремена, не може да обезбеди средина што е потребна за децата да се развијат во рамки на својот целосен потенцијал. Ова е научно докажано и е во согласност со Конвенцијата за правата на детето и Упатствата на ООН за алтернативна грижа за децата. Зајакнувањето на системот за згрижување е дел од пошироката реформа за грижата за децата и ние мора да обезбедиме овој процес да продолжи. УНИЦЕФ останува посветен да работи со сите партнери во овој процес и ќе продолжи да го поддржува развојот на низа услуги во заедницата за децата и семејствата и, уште поважно, со ова ќе настојува да помогне во напорите за превенција од напуштање на децата и нивно одвојување од семејствата “.
Законот за социјалната заштита од 2019 година даде законска основа за воведување специјализирани згрижувачки семејства кои ќе бидат оспособени и поддржани да згрижуваат деца со комплексни потреби – новороденчиња, деца со попреченост или деца со предизвикувачко однесување. Истовремено, МТСП спроведува подготовки за воспоставување центри за поддршка на згрижувачките семејства во Скопје и во Битола, кои ќе бидат сместени во зградите на поранешните големи установи за сместување деца без родителска грижа. Оваа обука ќе им овозможи на учесниците да ги согледаат предностите и недостатоците на македонскиот модел на згрижување и во идните решенија да ги вградат најдобрите практики и модели од Европа“, рече претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ди Џовани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

