Македонија
МТСП: Тренчевска дел од делегацијата на свечената манифестација за 100 години модерна Турција
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од свечената делегација предводена од страна на градоначалникот на Тургутул, Четин Акин во чест на одбележувањето на 100 години модерна Турција.
„Тренчевска го искажа своето задоволство за присуството на важниот настан за Турција и посочи дека за неа претставува особена чест да биде дел од свеченоста за 100 години модерна Турција. По свеченото одбележување на денот министерката Тренчевска заедно со делегацијата од РСМ остварија средба со градоначалникот на Тургутул, Четин Акин. Тие средбата ја започнаа со разговор за случајноста да потекнуваат од струмичкиот дел од нашата земја. Градоначалникот Акин истакна дека потекнува од Ново Село, Струмичко и дека потекнува од сиромашно семејство кое се занимавало со земјоделие. Тој гордо истакна дека благодарение на Република Турција, неговата посветеност и вложувањето на голем труд, без разлика на тоа дека потекнува од скромно семејство, тој денес е градоначалник на Тургутул. Затоа денешниот ден за него има големо значење“, велат од МТСП.
На средбата биле истакнати и добрите односи на Општина Тургутул со Општина Чашка и беше посочено дека во наредниот период ќе се интензивира соработката помеѓу двете општини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Одлуката на САД не значи крај за туристичките визи и „Ворк енд травел“ програмата
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, појасни што значи одлуката на САД за стопирање на процесот на издавање на визи. Тој кажа дека се работи за пауза за постапки поврзани со иселенички визи.
„Не прекин, не црна листа, туку пауза, ќе напоменам за постапки за иселенички визи“, рече Муцунски.
Министерот појасни дека не е загрозено издавањето туристички визи, студентски визи како и визи во рамки на програмата „Ворк енд травел“.
„Ова не влијае на сите други постапки за издавање на визи за САД. Доколку сте стопанственик, слободно ќе можете да аплицирате за виза, доколку сте студент кој што сака да студира во САД или да оди на ‘Ворк енд травел’ ова значи дека нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, Светското првенство во фудбал ќе се одржи во САД, исто така, ќе може да патувате туристички“, рече Муцунски.
Тој порача дека јавноста во следните шест месеци дополнително позитивно ќе се изненади од тоа што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно, како што рече, да почнеме да затвораме прашања кои што 20 години се обидуваме да ги затвориме.
Македонија
Забранети дополнителни 33 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа – вкупно 307 досега
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска потпиша налог за ограничување на пристапот до нелегални веб-страници и веб-апликации преку јавните електронски комуникациски мрежи, во случаи на нелегално приредување игри на среќа.
Со најновиот налог се опфатени дополнителни 33 нелегални веб-страници, што значи дека вкупниот број на досега опфатени (забранети) нелегални страници изнесува 307.
Налогот е доставен до Агенцијата за електронски комуникации, која е должна во рок од пет дена да го достави до операторите на електронски комуникациски мрежи за спроведување.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со континуирани мерки за сузбивање на нелегалното приредување игри на среќа на интернет, со цел заштита на граѓаните и безбедност во дигиталниот простор.
Македонија
Герасимовски: Поддршката за новороденчињата зголемена од 7.000 на 10.000 денари, инвестираме во нова градинка во Центар
Општина Центар ја зголемува финансиската поддршка за младите семејства и за пензионерите, информираше градоначалникот Горан Герасимовски.
„Еднократната парична помош за секое новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари“, изјави Герасимовски.
Со оваа мерка, Општина Центар продолжува со континуирана поддршка за семејствата со новородени деца. Финансиската помош ќе ја добијат сите семејства кои ги исполнуваат условите и се жители на општината.
Покрај директната финансиска поддршка, мерката овозможува и прецизна евиденција на бројот на новородени деца на годишно ниво, што претставува основа за следење на демографските движења во општината. Овие податоци се користат и за поефикасно планирање на капацитетите во детските градинки во Центар.
Дополнително, предвидени се капитални средства за изградба на нова детска градинка во близина на Клиничкиот центар, со капацитет за згрижување на околу 100 деца.
Во рамки на социјалните мерки, Општина Центар ја зголеми и еднократната парична помош за пензионерите со ниски примања, од 2.500 на 5.000 денари.
Истовремено, во тек се подготовки за изградба на дом за стари лица на територијата на Општина Центар.
Фото: Depositphotos

