Македонија
МТСП: 421 лице добива неповратни средства за самовработување
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, и постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан, денеска во Тетово се сретнаа со невработени лица коишто се селектирани за користење неповратни средства од програмата за самовработување.
Од вкупно 421 дополнително селектирано лице за кои се обезбедија средства од ребалансот на годинашниот буџет најголем број, односно 81 се од Тетово. Овие лица по успешно изработениот бизнис-план набрзо ќе може да ги регистрираат своите фирми и ќе почнат со работа.
Министерката Царовска истакна дека самостојните корисници добиваат грант предвиден со Оперативниот план за 2019 година до 5.000 евра или ако се двајца содружници до 10.000 евра.
„Навистина ми е драго што меѓу вас има многу млади луѓе коишто имаат идеја за бизнис. Верувам дека вашите бизниси ќе станат одржливи и ќе растат со што ќе имате потреба од нови вработувања. Оваа година навистина бележиме огромен интерес за програмата за самовработување и затоа Владата водејќи се пред сè од интересот на невработените лица да се активираат на пазарот на трудот, одвои рекордни речиси 8 милиони евра како поддршка на поголем број идни претприемачи од првично предвидените средства“, изјави Царовска.

Од МТСП информираат дека во последните 3 години средствата за програмата за самовработување се зголемени повеќе од двапати во споредба со периодот од 2007 до 2016 година.
Постојаната претставничка на УНДП Сахакјан го истакна задоволството од многугодишното успешно партнерство со Владата и другите национални партнери при имплементацијата на програмата за самовработување.
„Поради огромниот интерес за мерката што постојано расте, навистина можеме да кажеме дека самовработување е бренд-програма на секој оперативен план. Посебно ни е драго што младите стануваат движечка сила на оваа мерка со своите нови и иновативни бизнис-идеи кои во иднина ќе генерираат и нови работни места“, рече Сахакјан.
Директорката на АВРСМ, Билјана Јовановска, потенцираше дека освен самовработување отворени се и други активни мерки од оперативниот план за 2019, и тоа за ИТ-обуките и за субвенционирање на платите.
„На ниво на цела држава за годинава предвидено е потпишување на вкупно 1.484 договори за самовработување. Од нив вкупно 557 лица, односно 38% се млади лица, до 29 години, а 518, односно 35% се жени“, рече Јовановска.
Во последните неколку години околу 15 % од вкупно регистрираните приватни бизниси во државата потпаѓаат под програмата за самовработување. Од 2007 година се формирани над 30.000 бизниси со самовработување од кои 65 % сè уште се активни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица: Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење
Жителите на Струга 10 дена се оставени без чиста вода за пиење поради сериозната еколошка хаварија со изворот на вода за снабдување, велат од Левица.
„Иако институциите соопштија дека се преземаат мерки за лоцирање на причините, сеуште нема никакви официјални информации како загаденоста на водата во Струга достигна 30 пати над дозволеното.
До Левица пристигнаа информации дека над самиот извор се врши експлоатација на минерали од приватна компанија “Ми транс”. Дали активностите преземени при експлоатацијата довеле до екстремно загадување е прашање на коешто што побрзо треба да одговорат надлежните институции“.
Левица го повикува Државниот инспекторат за животна средина и надлежниот инспекторат во рамки на Министерството за енергетика итно да излезат на терен и да извршат вонреден инспекциски надзор. Надлежните институции, додаваат од таму, мора да дадат одговор дали несоодветна експлоатација на минерали во самите извори ја предизвикало оваа хаварија и дали е несоодветно издадена дозвола за експлоатација.
Според оваа партија, институциите и градоначалникот не смеат да го заташкаат случајот и мора точно да ја утврдат одговорноста поради која 50.000 граѓани се оставени без чиста вода за пиење.
Македонија
Белоглави мршојадци од Шпанија ќе бидат донесени во Македонија – нов проект на МЕД за зачувување на нивната популација
Во текот на следните шест години, Македонското еколошко друштво (МЕД) ќе спроведува нов меѓународен проект во рамки на програмата LIFE, чијашто цел е да се зголеми популацијата на белоглавиот мршојадец на македонска и грчка територија и со тоа да се придонесе кон зајакнување на целокупната популација на овој вид на Балканскиот Полуостров.

Кофинансиран од Европската Унија, овој партнерски проект, покрај МЕД, ги поврзува Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит – Музеј за природна историја, Агенцијата за природна средина и климатски промени од Грција и Фондот за дива флора и фауна од Бугарија, под водство и координација на швајцарската Фондација за заштита на мршојадци.
„Сè до средината на дваесеттиот век, белоглавиот мршојадец бил вообичаена глетка низ Балканот, но во последните децении од минатиот век, поради ловењето, труењето, недостигот на храна и струјните удари и судирите со надземната електрична инфраструктура, е доведен до работ на изумирање. Податоците добиени преку следење со ГПС-технологија покажуваат дека овие птици на Балканскиот Полуостров најчесто се задржуваат во седум клучни зони заради размножување и одмор при миграциите. Една од нив е Тиквешко-Демиркапискиот Регион, едно од ретките преостанати јадра за гнездење на мршојадците во Македонија. Денес, овој предел е дом на два пара од глобално загрозениот египетски мршојадец и на околу 20 пара од белоглавиот мршојадец, заради што и ќе биде во фокус на проектните активности“, велат од МЕД.

Од таму појаснуваат дека зајакнувањето на постојните популации кај нас ќе се направи преку воведување на 50 нови единки од белоглавиот мршојадец, кои ќе бидат донесени од Шпанија. Овие птици ќе бидат префрлени во кафези за аклиматизација и пуштени согласно соодветен протокол и во соработка со локални партнери. Заради истражувачки и превентивни цели, пред да бидат пуштени, на овие птици ќе им бидат поставени ГПС-предаватели.
Сеопфатниот пристап кон подобрување на животните услови за белоглавиот мршојадец ќе вклучи и активности за поефективно спроведување на законите заради намалување на смртноста на птиците од труење, како и воведување на системи за рано предупредување базирани врз ГПС-мониторинг. Исто така, ќе се зајакнуваат националните капацитети за рехабилитација на диви животни и ќе се зголемува достапноста на храна преку поставување дополнителни станици за исхрана. На овој начин ќе се зацврсти поврзаноста на птиците со клучните зони на полуостровот, со што значително ќе се зголемат и шансите за нивно преживување и опстанок.
Од МЕД велат дека голема улога во зачувувањето на мршојадците имаат и локалните заедници со кои овие птици се силно поврзани. Токму затоа, преку проектот ќе се поддржи и традиционалното сточарство кое исто така е извор на храна за овие птици, и ќе се подига свеста за улогата и значењето на мршојадците во екосистемот и во локалната економија. На овој начин, велат од МЕД, целосното закрепнување на популацијата на белоглавиот мршојадец на Балканот повеќе нема да биде прашање на надеж, туку споделена обврска.
Македонија
Гаши за Денот на независноста на Косово: Празникот е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата
Претседателот на Собранието Африм Гаши со честитка по повод Денот на независноста на Република Косово.
„Овој празник е момент на размислување и национална гордост, кој ги отелотворува жртвувањето, посветеноста и визијата за слобода и градење на државата. Независноста на Косово претставува триумф на слободната волја на граѓаните да изградат демократска, праведна и европски ориентирана држава.
Република Северна Македонија и Република Косово уживаат одлични односи. Нашите соседски, општествени и историски врски се силни и претставуваат непоколеблива основа за понатамошно продлабочување на партнерството меѓу нашите две земји.
На овој значаен ден, ја потврдуваме нашата поддршка за успешниот пат на Република Косово и изразуваме убедување дека нашата братска соработка ќе продолжи да се продлабочува во функција на мирот, стабилноста и просперитетот на регионот, како и на унапредувањето на нашата заедничка евроатлантска агенда“.

