Македонија
Муртезани – Вајц: Доследното спроведување на реформите клучен фактор во следната фаза од евроинтегративниот процес
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, утрово оствари средба со австрискиот европратеник Томас Вајц, новоименуваниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Средбата се одржа во пресрет на 23-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија-Европската Унија, кој претставува важна можност за продлабочување на дијалогот и зацврстување на заедничката заложба за европската иднина на земјата. Муртезани и Вајц укажаа на значењето на овој форум како простор за конструктивна размена на ставови и унапредување на соработката, со цел побрза интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.
Во фокусот на разговорот беа реформската агенда и Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, како двигатели на евроинтегративниот процес. Министерот Муртезани истакна дека Северна Македонија останува посветена на клучните реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата и економскиот развој, нагласувајќи дека овие напори се од суштинско значење за напредокот во пристапните преговори. Европратеникот Вајц ја потврди поддршката на Европскиот парламент, нагласувајќи дека доследното спроведување на реформите ќе биде клучен фактор во следната фаза од процесот.
Посебен акцент беше ставен и на Зелената агенда, при што Вајц го поздрави ангажманот на Северна Македонија за одржлив економски раст и енергетска независност преку зелени иницијативи. Беше истакнато дека Европската Унија, преку Планот за раст и други механизми за финансиска поддршка, ќе продолжи да ја поддржува земјата во спроведувањето на реформските приоритети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

