Македонија
Муртезани на балканскиот економски самит во Скопје: Македонија нуди стабилност, пазарна предвидливост и европска перспектива
Овој Самит претставува уште една потврда на силните и пријателски врски кои ги поврзуваат Република Северна Македонија и Република Турција. Овие односи, кои се длабоко вкоренети во нашата заедничка историја и култура, денес се манифестираат преку интензивна соработка во многу области, вклучувајќи ја и економијата, истакна министерот за европски прашања, Орхан Муртезани.
„Односите помеѓу Северна Македонија и Турција се искрени, динамични, стратешки и ориентирани кон иднината. Не станува збор само за добри односи, туку за заедничко разбирање на регионалниот контекст, за заемна поддршка во клучни моменти и за координирани чекори во иницијативите од заемен интерес. Нашата билатерална соработка опфаќа широк спектар: од висока политика и одбрана, преку економија и трговија, до образование и културна размена. Турција е еден од најзначајните странски партнери во економскиот развој на нашата земја, но уште поважно, таа е партнер кој вложува долгорочен интерес во стабилноста и напредокот на целиот регион“.
Во време кога глобалната економија се соочува со непредвидливи предизвици, според него настани како денешниот Самит имаат посебна тежина.
„Тие се можност не само за анализа, туку и за поставување конкретни цели. За нас, продлабочувањето на економската соработка со Турција, особено во делот на инвестиции, дигитална економија, зелени технологии и инфраструктурно поврзување, е од клучно значење. Веруваме во принципот на меѓусебна комплементарност, не како реторика, туку како модел за конкретни резултати. Северна Македонија нуди стабилност, пазарна предвидливост и европска перспектива. Турција пак од друга страна, носи искуство, капитал и регионална мрежа. Оваа комбинација е наша заедничка шанса и таа треба да биде искористена“.
Додаде дека тие како министерство се посветени на креирање на поволна бизнис клима и на унапредување на европските стандарди во нашата економија.
„Работиме на подобрување на регулаторната рамка, намалување на бирократијата и обезбедување транспарентност и предвидливост за инвеститорите. Северна Македонија е цврсто на патот кон европската интеграција, а економската соработка и странските инвестиции се клучни за постигнување на оваа стратешка цел“, нагласи Муртезани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
651 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 585 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 651 прекршоци, извести МВР.
„Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци.
При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Електродистрибуција: Tешка кражба на електрична енергија од трафостаница, штета од 16 милиони денари
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.

