Македонија
Муцунски: Високо ја цениме подготвеноста на нашите пријатели од Австрија, Грција, Романија, Словенија и Хрватска за поддршка во справувањето со активните шумски пожари
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денес оствари одвоени телефонски разговори со министерот за европски и надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, министерката за надворешни работи на Романија, Луминита Одобеску, министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлич Радман.
Во фокусот на разговорите беа активните шумски пожари во земјава, при што беше понудена поддршка на земјава за нивно надминување. Дел од поддршката се реализира во рамки на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што пак претставува израз на европската солидарност.
Комуникацијата на Муцунски со неговите колеги се спроведува во рамки на акцијата за обезбедување помош за гасење на пожарите, што се спроведува во координација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
“Високо ја цениме подготвеноста на нашите пријатели од Австрија, Грција, Романија, Словенија и Хрватска за поддршка во справувањето со активните шумски пожари. Ваквиот чекор е израз на солидарност, која е неопходна за надминување на овој тип предизвици. Во оваа прилика упатувам голема благодарност за укажаната помош, што претставува дополнителен израз на нашето долгогодишно пријателство”, истакна Муцунски.
Воедно, Муцунски нагласи дека во овие кризни моменти секој вид на поддршка во напорите за гаснење на пожарите е повеќе од добредојдена. Земјава ги има ставено во функција сите капацитети за нормализирање на состојбите, што заедно со помошта што доаѓа од земјите од регионот и Европа ќе доведе до видливи резултати на ова поле.
Дополнително, во текот на денешниот ден министерот Муцунски оствари телефонски разговор и со својот грчки колега, Јоргос Герапетритис. Во рамки на разговорот беше изразена потребата и подготвеноста за заемна соработка при справување со вакви предизвици.
Република Северна Македонија е погодена од пожари во различни подрачја како резултат на екстремно високите температури. Во процесот на обезбедување и координација на помошта од пријателски земји, кој е предводен од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски покрај министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вклучени се и министерот за одбрана, Владо Мисајловски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

