Македонија
Муцунски во посета на Чешка, централно место разговорите за перспективата на евроинтегративниот процес на нашата земја
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре е во официјална посета на Република Чешка.
Централно место во разговорите на двајцата министри се очекува да биде перспективата на евроинтегративниот процес на нашата земја, спроведувањето на реформската агенда и во таа насока поддршката на Република Чешка за европското досие на нашата земја. Ќе бидат разгледани и можностите за унапредување на севкупните билатерални односи, со особена заложба за зајакнување на економската соработка. Двајцата министри ќе одржат и прес-конференција, а ќе имаат и поздравни обраќања на бизнис форумот кој се организира во соработка со чешко-македонската трговска асоцијација.
Покрај средбата со својот домаќин, министерот Муцунски ќе се сретне и со министерот за европски работи, Мартин Дворжак и министерот за индустрија и трговија, Лукаш Влчек, како и со претседавачот и членовите на Парламентарната група за соработка со нашето Собрание и со претседателот на Сенатот, Милош Вистрчил. Во рамки на посетата, предвидено е министерот Муцунски да одржи предавање на University of New York во Прага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерство за здравство со Светска банка ќе работи на реформи на примарната здравствена заштита и унапредување на здравствените политики
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска одржа работен состанок со регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Шаошинг Ју, на која беа потенцирани приоритетите на Министерството за унапредување на јавното здравство.
„Министерството за здравство е институционално мобилизирано и посветено на темелни реформи на системот на примарна здравствена заштита, вклучувајќи и интеграција на моделот на долготрајна нега. Овие два сегментa ќе бидат надополнети и со дигитализација како фундаментален и сеопфатен процес на реформа на здравствениот систем“, рече министерот Алиу.
Целта на овие реформи е да се унапредат здравствените политики, да се подобри пристапот до здравствени услуги поблиску до местото на живеење, како и да се зајакне превентивната здравствена заштита.
На состанокот се разговараше околу можностите Светска банка да овозможи аналитичка, техничка и финансиска поддршка за овие процеси.
Македонија
Стареењето на населението и иселувањето на младите – предизвици со кои се соочува Фондот на ПИОМ
Реформата на пензискиот систем сама по себе придонесе во подобрувањето на состојбите, но предизвици има сѐ уште, изјави директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, на меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“, во организација на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија.
„Еден од најголемите предизвици е дефицитот во буџетот на Фондот, кој се провлекува со години, кој е резултат на повеќе чинители, меѓу кои недоволниот број на осигуреници наспроти се поголемиот број на пензионери, издвојувањата од придонесот за ПИО за вториот столб, како и придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, што паѓа на товар на Фондот“, рече тој.
Мемов посочи дека други предизвици кои имаат и ќе имаат сѐ поголемо влијание во наредниот период е стареењето на населението и намалувањето на работоспособното население поради помалиот наталитет со кој се соочува државата, како и иселувањето, особено на младите лица.
Директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов нагласи дека првата и основна мерка за консолидирање на финансиската состојба на пензискиот систем е економскиот раст на земјата и отворање на нови работни места. Тој рече дека е невозможна консолидација на само еден сегмент, т.е само на пензискиот систем и е потребно да се гледа големата слика, зашто системите се поврзани и зависат еден од друг.
„Државата почива на неколку основни столбови: политички систем ( правосудство и државна управа, здравствен систем, образование итн.), безбедносен систем ( војска и полиција), еономски систем ( приватен, реален сектор, банкарски систем) и пензиски систем ( кој опфаќа скоро половина од приливите во буџетот и 2/3 од населението). Сите овие столбови се меѓусебно поврзани и потребна е нивна взамна консолидација“, нагласи Мемов.
Како втора мерка за консолидација тој го посочи обезбедувањето на средства преку реален пасивен приход.
Мемов рече дека со реформата и воведувањето на вториот столб се актуелизира овој концепт за пасивен приход на финансирање на пензискиот систем каде што пензиските друштва ја преземаат улогата на инвеститори и оплодувачи на парите, но имаат законски ограничувања, согласно моделот на Светска Банка, каде и во колкав процент од средствата можат да инвестираат.
„Сметам дека е потребно да се размислува во насока да се направат законски измени со кои пензиските друштва ќе можат да инвестираат до 50 проценти од средствата од вториот столб на странски берзи, но со соодветни заштитни механизми и скалест ризик при инвестирањето. Исто така, како друга варијанта, може да се размислува и во правец на инвестирање на акумулираните средства од страна на државата во акции и удели во компании кои остваруваат реален профит, како што тоа се прави во некои земји во Европа“, нагласи Мемов.
Тој додаде дека Фондот во изминатиот период до Министерството за социјална политика, демографија и млади достави краткорочни и среднорочни мерки за подобрување на финансиската ситуација, како што се можност за уплата на придонес за ПИО од страна на физички лица кои не се во редовен работен однос, а остваруваат приходи; продолжување на работниот однос на доброволна основа по навршени 64 години живот за сите вработени во приватниот сектор; постепено зголемување на стапката на придонес за ПИО од 0,3 проценти годишно до 2030 година и плаќање на придонесите на ангажираните лица со договор на дело во јавниот сектор.
Мемов посочи дека реформата на пензискиот систем придонесе да се подобри наплатата на придонесите со што е оневозможена ситуацијата од деведесеттите, кога за голем број на вработени не се плаќале придонесите за пензиско осигурување и тие денес имаат проблем во остварувањето на правото на пензија и регулирање на стажот, а со воведувањето на вториот столб осигурениците, имаат свои лични средства за пензија кои се оплодуваат, транспарентен увид во нив и поголема сигурност во остварувањето на правото на пензија и нејзината исплата.
„Пензискиот систем и денес, после 20 години од реформата, се соочува со предизвици за кои сите заедно треба да најдеме решенија. Со координирана активност на Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, пензиските друштва, МАПАС, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување во периодот што е пред нас можеме да ги направиме дополнителните чекори и да придонесеме во стабилизацијата на пензискиот систем. Треба да се сослушаме и заеднички да дејствуваме за подобро утре на осигурениците и на идните пензионери. Во таа насока Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и понатаму ќе ги анализира состојбите, ќе предлага решенија за остварување на целта редовна исплата и зголемување на пензиите и задоволни осигуреници и пензионери на секој први во месецот“, рече директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов во обраќањето на Меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“, во организација на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови на Северна Македонија.
Македонија
Улична трка во чест на Денот на ослободување на Куманово
Во чест на Денот на ослободување на Куманово – 11 Ноември, денеска се одржа традиционалната улична трка, во организација на Општинскиот сојуз на училишен спорт. На трката низ улиците на централното градско подрачје учествуваа над 500 ученици од општинските основни и средни училишта.
По завршувањето на оваа масовна спортска манифестација, секретарот на Општина Куманово Емилија Сларидис Јаневска и раководителите Јовановиќ и Крстевски на најдобрите натпреварувачи, кои ги освоија првите три места во двете категории, им доделија медали, дипломи и маици, како признание за спортскиот дух и ангажман.











