Македонија
Муцунски: Дијаспората е важен мост меѓу државите и чувар на идентитетот и вредностите

Во рамки на работната посета на Женева, Швајцарија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше и се обрати на настан по повод Денот на независноста – 8 Септември, организиран за македонската дијаспора во овој дел на Швајцарија.
Во своето обраќање, Муцунски ја потенцираше суштинската и незаменлива улога на македонската дијаспора во градењето на мостови помеѓу државите, истакнувајќи дека тие се чувар на идентитетот и вредностите на нашата земја, соопшија од неговиот кабинет.
„Изразувам искрена благодарност за сите иницијативи, проекти и активности што произлегуваат од македонската дијаспора во Швајцарија. Како Влада, остануваме посветени на унапредување на врските со Македонците ширум светот – институционално, но и преку конкретни иницијативи“, истакна Муцунски.
Настанот беше можност за директна размена на идеи и мислења со претставници на македонската заедница во Швајцарија, за нивната поголема вклученост во креирањето на политики и за зајакнување на институционалната комуникација со матичната држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Унапредување на условите во поликлиниката Шуто Оризари ќе биде еден од приоритетите во рамки на заложбите на Стратегијата за инклузија на Ромите, најави Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ја посети поликлиниката Шуто Оризари, заедно со Министерот без ресор задолжен за интеграција и имлементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, Шабан Салиу.
– Нашата заложба е достапна здравствена заштита за сите пациенти, а паралелно со тоа и унапредување на условите во јавните здравствени установи низ државата. Поликлиниката Шуто Оризари во следниот период ќе биде еден од приоритетите за унапредување во различни аспекти, секако со поддршка од Министерот без ресор задолжен за интеграција и имлементација на Стратегијата за инклузија на Ромите. Во духот на оваа стратегија, заеднички се залагаме за подобрен пристап до интегрирани, квалитетни, превентивни и куративни здравствени услуги за лицата од овој регион, истакна министерот Алиу при посетата.
Македонија
Крај на нефункционалните институции, доста беше јавниот сектор да биде сервис за партиските кадри и распределба на привилегии, најави Минчев

Намалување на членовите на управните и надзорните одбори, укинување и спојување на непотребните институции и воведување јасни правила за професионално управување, најави министерот за јавна администрација, Горан Минчев, порачувајќи дека започнува процес на рационализација на јавниот сектор.
Според него, доста беше јавниот сектор да биде сервис за партиските кадри и распределба на привилегии.
Како што оценува, управните и надзорните одбори со години беа структури со преголем број членови, со сомнителни критериуми и без отчетност. Тоа, за Минчев е неприфатливо.
„Ќе воспоставиме ред, помалку одбори, помалку членови и избор само на професионалци со знаење, стручност и компетенции, а не со партиска книшка“, потенцира Минчев.
Најави дека ќе се стави крај и на нефункционалните институции.
Како што вели, во државата има институции кои постојат само на хартија, со по неколку вработени и преклопени надлежности.
Тој оценува дека тоа се симболи на неефикасност и расфрлање на државните пари.
„Со нивно спојување и оптимизација ќе обезбедиме рационализација, помалку трошоци, подобра координација и поефикасни услуги за граѓаните“.
Најавувајќи модерна и професионална администрација, Минчев појасни дека се подготвува нов закон за висока раководна служба со кој ќе биде искоренета партизацијата при избор на функционери.
Нагласи дека никој повеќе нема да биде назначен по партиска книшка, туку според знаење, искуство и стручни вештини.
Македонија
Радарот на Скопскиот аеродром е целосно функционален, за само три дена решивме проблем кој траел 30 години, вели Николоски

Радарот на Скопскиот аеродром утрово повторно е ставен во функција и проблемот е решен за само три дена. Сите безбедносни протоколи се испочитувани овие денови и сообраќајот се одвива безбедно. Проблемот постои триесетина години, зошто претходната Влада седум години не го решила проблемот и зошто не е инсталиран новиот радар кој е набавен, – истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, при денешната работна посета на Кавадарци.
„Од утрово имаме целосно функционален радар на Скопскиот аеродром и на тој начин проблемите се решени. Проблемот успеавме да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што можеби не и беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад, овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација, на повеќе ресори од Владата, како и со активна работа на раководството на М-НАВ, како и во пријателска работа и помошта од контролата за летање од Бугарија, како и Владата на Италија успеавме да најдеме решение и сега двата канали се во функција”, истакна Николоски.
„Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие три дена и гледате дека најнормално слетуваа и полетуваа авиони од сите авио компании и така ќе продолжи да биде и во иднина” додаде Николоски.
Посочи дека моменталниот радар е 27 години стар и за истиот престанале да се произведуваат делови уште пред седум години. Исто така праша зошто претходната Влада на СДСМ не го инсталирала новиот радар кој е набавен, пристигнат во Скопје и стои во депо. Тој ја повика опозицијата да не шири паника помеѓу граѓаните.
„Навистина е на раб на чудо како успеавме да набавиме резервни делови. И во исто време да прашам, зошто претходната Влада на СДСМ не го инсталираше целосно новиот радар кој што е пристигнат во Скопје од компанијата “Леонардо” и стои немонтиран. Еве да најавам дека на следната седница на Влада во вторник, ние ќе донесеме одлука со која што ќе пристапиме кон монтирање на истиот”, рече Николоски.