Македонија
Муцунски на почетокот на второто полугодие: Инвестираме во современи образовни стандарди
Второто полугодие од оваа учебна година почна со финализирање важни инфраструктурни и образовни проекти во општина Аеродром. Градоначалникот Tимчо Муцунски денеска го посети основното училиште „Браќа Миладиновци“, каде што во изминатиот период завршија реконструкцијата на спортското игралиште и оспособувањето на училницата на отворено, а завршена е и дел од реконструираната фасадата на објектот.
„Радоста на дечињата за мене доволно говори за тоа дека инвестициите во образованието, односно подобрувањето на условите во основните училишта, се насочени кон градење образовен систем по модерни и современи стандарди од каде што ќе излегува здрава и едуцирана младина“, истакна Муцунски.
Во рамките на денешната посета Муцунски се сретна и со „Едуино“, амбасадорите кои се предводници на дигитализацијата на образованието во општина Аеродром, на кои им додели благодарници за придонесот што тие го даваат за развојот и промоцијата на овој важен проект.
Притоа тој упати благодарност до Андреј Крстевски, кој обезбеди донација од Државната лотарија на Македонија, со која се реализира дел од оваа инвестиција, и потенцира дека Општина Аеродром во изминатиот период во континуитет инвестира, поддржува и создава услови за поквалитетен образовен процес.
„Проектите што се насочени кон остварување на оваа цел истовремено се инвестиции во најмладите и во нивната иднина. Реконструкцијата и изградбата на објектите на основните училишта во Аеродром е помеѓу клучните приоритети во програмата и во оваа насока не застануваме тука. На почетокот на второто полугодие завршуваме со реконструкцијата на веќе почнатите објекти, но почнуваме и реконструкција и изградба на уште неколку нови“, потенцира Муцунски.
Во следниот период ќе почнат активности за доградба на основното училиште „Блаже Конески“ во населбата Мичурин, надградба на основното училиште „Гоце Делчев“ во населбата Долно Лисиче и партерно уредување и осветление на дворот на ООУ „Димитар Македонски“. Истовремено, веќе се почнати подготовките за реализација на проектите за бесплатни таблети за учениците од 4 одделение и бесплатно пливање за првооделенците од Аеродром и учениците со попреченост, кое од оваа година, наместо 4, ќе се одвива цели 6 месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.