Македонија
Муцунски на средба со амбасадорот на Турција и претставникот на УНХЦР во земјата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес се сретна со амбасадорот на Турција, Фатих Улусој и претставникот на УНХЦР во земјава, амбасадорот Габриел Гуалано де Годој.
На средбата со амбасадорот на Турција, беше изразено задоволство од одличните билатерални односи кои се во духот на традиционалното пријателство меѓу двете земји. Воедно, беа изразени заемни заложби за зајакнување на економските и бизнис релации, како и целосно користење на потенцијалите за туристичка соработка. Во оваа прилика, Муцунски изрази искрена благодарност за помошта што Турција ѝ ја испрати на земјава во справувањето со огнените стихии, а која се состои од еден хеликоптер и два „ертрактори“. Дополнително, беше реафирмирано нашето цврсто сојузништво во рамки на НАТО и напорите за зачувување на регионалната стабилност во услови на променет геополитички контекст.
Во разговорот со Претставникот на УНХЦР во земјава, Муцунски нагласи дека согласно приоритетите на Владата за заштита, промоција и унапредување на човековите права и слободи, со фокус на лицата кои уживаат меѓународна заштита, земјава ќе остане посветена на исполнувањето на обврските од меѓународните и легалните инструменти на УНХЦР, за развивање иновативни решенија во насока на менаџирање на глобалната миграција. Исто така, информирајќи за степенот на имплементација на заложбите на земјата дадени за време на Првиот глобален форум за бегалци, Муцунски потенцираше дека земјата преку развиена рамка за системско решение и спречување на случаи на нерегистрирани лица, односно лица без документи, очекува во скоро време да стане првата земја во Европа која ќе го искорени бездржавјанството.
Соговорниците разменија ставови околу досегашната взаемна соработка на Канцеларијата на УНХЦР со надлежните институции, изразувајќи надеж дека истата ќе продолжи успешно и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Владата на Заев и Филипче донела спорен правилник, подзаконскиот акт за канабис е во судир со законот, кој и колку профитирал од бизнисот со канабис“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Зоран Заев и Венко Филипче имале за цел Македонија да ја претворат во светска туристичка атракција за канабис. СДС на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакаа целосно да ја легализираат но тоа не им помина. Затоа лиценците за одгледување на медицински канабис биле резервирани исклучиво за луѓе блиски до кланот Заеви и Филипче. Обичните граѓани и компании немале никаква шанса да добијат дозвола.
Поради фаворизирањето на тоа кој ќе добие лиценци, Струмичкиот регион се претвори во центар за производство на марихуана за медицински цели.
Доказ за тоа дека се било смислено однапред е подзаконскиот акт на правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во време на СДС каде постои неусогласеност, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите.
Производството на канабис кој не ги исполнува ГМП нормите го прави маслото од канабис нелегално за лиценцирање и промет.
Токму поради сето ова се отвора сомнеж за криминални мотиви. Со ваквиот начин на производство и складирање се отвора сомнеж дека канабисот бил за продажба на црниот пазар.
Зошто е направен подзаконски акт кој е во колизија со законот и со самото тоа овој процес е незаконски? Дали на Заев и Филипче целта им била продавање на канабис на црниот пазар? Дали Заев и Филипче ја туркале промената на правилникот?
Јавното обвинителство мора да интервенира итно. Граѓаните заслужуваат правда и одговорност за незаконското работење на овој картел.
Време е Заев и Филипче да одговорат пред законот и јавноста. Ниту еден привилегиран апликант, ниту еден нелегален процес, не смее да остане без казна“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

