Македонија
Муцунски на средба со сенаторот Петер Велч во Вашингтон
На првиот ден од работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со сенаторот Петер Велч, еден од иницијаторите на новата резолуција во Сенатот на САД со која се одбележуваат 34 години од независноста на Република Северна Македонија и 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави.
Министерот Муцунски ја нагласи важноста на оваа резолуција како потврда за силното пријателство и доверба што ги обединуваат македонскиот и американскиот народ. Тој подвлече дека Република Северна Македонија останува посветена на заедничките евроатлантски вредности, демократијата, владеењето на правото и стабилноста на Западен Балкан.
На средбата се разговараше и за унапредувањето на билатералните односи, поддршката за европскиот пат на Северна Македонија, како и за заедничкото уверување дека посетата ќе отвори нови можности за уште посилна соработка меѓу двете земји.
Во текот на денот, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби со повеќе претставници на Конгресот на САД, како и да се обрати на свечен настан организиран по повод 8 Септември – Денот на независноста, во присуство на македонската дијаспора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Син ми многу сакаше кафе, напијте се”: мајка на загинато дете ги послужи новинарските екипи на паузата од судењето
На првата пуаза од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откога многумина бранители побараа одлагање на судењето и нова листа на докази бидејќи обвинителството ги спои постапките за дискотеката „Пулс“ и за агенцијата „Рубикон“, мајка на едно од загинатите деца пред објектот на судницата ги послужи кафе новинарските екипи и семејствата на загинатите.
„Никаде не одиме без кафе, син ми многу пиеше кафе. Ајде напијте се“, рече таа.

Во тек е пауза на судењето. Судијката одобри 15 минути пауза затоа што голем број од обвинетите побараа пауза за тоалет.
Македонија
Муцунски во работна посета на Брисел: во фокусот унапредување на соработката меѓу ЕУ и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Брисел ќе присуствува на неформалната вечера на Советот за надворешни работи на Европската унија, по покана на високата претставничка на ЕУ, Каја Калас. Настанот ги обединува министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан.
На состанокот е предвидено да се разговара за унапредување на соработката меѓу Европската унија и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани и зајакнувањето на демократската отпорност.
Во рамки на посетата на Брисел, министерот Муцунски ќе има и одвоени средби со европската комесарка за проширување, Марта Кос, како и со Глен Микалиф, европски комесар за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт
Македонија
Муртезани: Климатската и еколошката правда се стратешки приоритет за Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, учествуваше на Националната тркалезна маса за конвергенција на климатска и еколошка правда што денес се одржа во Клубот на пратеници во Скопје.
Во своето обраќање Муртезани нагласи дека климатската и еколошката правда се стратешки приоритет за Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Особено го истакна влијанието на климатските ризици врз ранливите групи, значењето на Националниот енергетски и климатски план, потребата од регионална соработка, улогата на Архуската конвенција во зголемување на транспарентноста и важноста на Акцискиот план за еколошка правда. Муртезани порача дека земјата сака да биде активен придонесувач кон регионалната и европската зелена трансформација.
„Ова не е само еколошко прашање. Ова е прашање на еднаквост, пристап до здравје, економска стабилност и доверба во институциите. Токму затоа климатското дејствување е дел од европската перспектива и дел од развојната визија на Северна Македонија.
Во изминатиот период вложивме сериозни напори да ја вградиме климатската политика во стратешките документи. Новиот Национален енергетски и климатски план го приближува нашето енергетско планирање кон европскиот модел, каде што намалувањето на емисиите, интеграцијата на обновливите извори и енергетската ефикасност се третираат како меѓусебно поврзани цели. Анализата за климатска адаптација во земјоделството е уште еден важен чекор, бидејќи го зајакнува капацитетот на сектор кој е директно изложен на климатските ризици. Паралелно со тоа, институциите веќе работат на систематизирање зелени работни места и нови квалификации што ќе ја поддржат транзицијата, со што ја отвораат вратата за нови професионални можности, особено за младите“.
Клучно е да разберем, вели тој, дека климатските и еколошките прашања не се изолирани на национално ниво.
„Нашите реки, нашата природа, како и нашиот воздух, ги делиме со регионот. Затоа Зелената агенда за Западен Балкан, инструментите како IPA III и рамките на Енергетската заедница се можност за вистинска регионална конвергенција. Нашата цел не е само да ги исполниме европските барања, туку и да учествуваме во создавање регионален стандард што ќе придонесе за стабилност, економска конкурентност и подобро здравје за граѓаните“.

