Македонија
Муцунски: Новата детска градинка „Црвенкапа”, во која ќе се згрижат над 200 дечиња, добива нов и уникатен изглед

Градинката има важна улога во процесот за социјализација и едукација на најмладите. Многу е важно дечињата со задоволство да одат во градинка, па затоа обрнуваме внимание на секој детаљ пред пуштањето во употреба на градинките, вели градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„Дечињата од нашата општина ќе бидат сместени во модерни објекти, а секојдневно времето ќе го минуваат во простории и атмосфера креирана од нивниот омилен македонски бренд ‘Светот на Биби’. Новата детска градинка ‘Црвенкапа’ добива нов и уникатен изглед во внатрешноста. Таа е изградена со капацитет за згрижување над 200 деца и на површина од 1.700 м2, со осум занимални и најсовремени услови за згрижување на најмладите“, пишува Муцунски.
Општина Аеродром, додава во напишаното, продолжува да вложува во нови капацитети за децата. И понатаму инвестираме во изградба на нови објекти, со што ќе ја оствариме нашата цел да нема повеќе чекања за упис во ваков тип на јавна установа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.