Македонија
Муцунски оствари повеќе средби на маргините на Минхенската безбедносна конференција
Во изминатите три дена, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари повеќе средби со високи претставници од различни земји и меѓународни институции.
Муцунски оствари билатерални средби со министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала-Шварц, секретарот за надворешни работи на Филипините, Енрике Манало, како и министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов.
Исто така, министерот Муцунски оствари куси средби со министерот за надворешни работи и европски прашања на Малта, Јан Борг, министерот делегиран за европски прашања во француската влада, Бенжамен Адад, министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, пратеничката во Европскиот парламент, Лидија Переира, како и со специјалниот претседателски пратеник на Соединетите Американски Држави за специјални мисии, Ричард Гренел.
Во фокусот на разговорите беа актуелните регионални политички и безбедносни прашања, при што беше нагласена важноста Европската Унија да ја испорача својата поддршка за евроинтегративниот процес. Министерот Муцунски потенцираше дека евроинтегративниот процес е клучна алатка за трансформација на општеството и дека е неопходно институциите доследно да ги користат постојните механизми за продлабочување на соработката во различни области од заемен интерес.
Заеднички беше констатирано дека геополитичките околности значително се променети на глобално ниво, при што, покрај политичките, трговско-економските прашања стануваат сè поважен аспект кој налага брза адаптација на политиките и засилена меѓународна координација.
Соговорниците се согласија дека одржливоста на светскиот мир и безбедноста остануваат врвен приоритет за секоја влада, а продолжувањето на дијалогот и партнерската соработка се клучни за зајакнување на стабилноста и просперитетот на регионот и пошироко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Тетово и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вчера вечер во 23 часот и 9 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од територијата на Република Косово, на околу 46 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.0
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.

