Македонија
Муцунски: Почеток на важен инвестициски циклус, инвестираме во нова инфраструктура во населбата Лисиче
Општина Аеродром почна со реконструкција на три улици во населбата Лисиче. Станува збор за инвестиција од 60 милиони денари, со која се предвидува целосна реконструкција на улицата Мите Богоевски, во должина од 1.245 метри, како и улиците Црноризец Храбар и Илија Димовски, со вкупна должина од 1.000 метри.

Оваа инвестиција во уличната инфраструктура ќе се реализира во две фази, а има цел да ги подобри безбедноста и отпорноста на патиштата во овој дел од општината. Средствата за овој проект се обезбедени од Светската банка преку проектот на Министерството за транспорт и врски за финансирање инвестиции и во инфраструктурата на општинските патишта и улици.

На увид во почетокот на градежните активности денеска присуствуваше и градоначалникот Тимчо Муцунски.

„Во населбата Лисиче почнаа градежните работи, кои вклучуваат реконструкција на три улици. Со ова практично почнува еден важен инвестициски циклус во инфраструктурата, кој го најавивме минатата година, а во чии рамки ќе бидат реконструирани сообраќајници и ќе бидат изградени нови улици, пешачки патеки и паркинзи во неколку населени места во општината“, истакна тој во својата фејсбук-објава.
Реконструкцијата на улиците во населбата Лисиче опфаќа целосна замена на асфалтот на коловозот, кои се широки по шест метри, како и на тротоарите, од каде што дотраениот и оштетен асфалт ќе се замени со бекатон-плочки и други павер-елементи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

