Македонија
Муцунски се сретна со новоименуваниот претставник на СЗО во земјата: Владата ќе работи посветено за зајакнување на националниот здравствен безбедносен систем
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со новоименуваниот претставник на СЗО во земјата, Акиим Али, со цел предавање на копиите од акредитивните писма.
Муцунски му честита на Али за именувањето на функцијата претставник на СЗО посакувајќи му добредојде и со изразено уверување за натамошно зајакнување на заемната соработка во периодот што следува.
На средбата Муцунски нагласи дека новата Влада ќе работи посветено за зајакнување на националниот здравствен безбедносен систем за подобро справување со новите предизвици.

Воедно, соговорниците разменија ставови за досегашните заеднички активности, особено за неодамна потпишаниот двогодишен договор за соработка во повеќе области за периодот 2024 – 2025 година, а во согласност со европската програма за работа за периодот 2020 – 2025 година.
Истовремено, беше потврдена заложбата за идна соработка и нови проекти и иницијативи на СЗО со цел реформи на јавното здравство, а за чија реализација ќе бидат вклучени сите надлежни институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на ГП „Богородица“ е нормализиран
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ (ГП Евзони) од 21 часот е нормализиран, информира АМСМ.
Поради блокада на границата за влез и за излез во текот на целиот ден, колони возила чекаа на граничниот премин „Дојран“ за влез во земјава. Претходно од АМСМ информираа дека од 11:00 часот сообраќајот на ГП „Евзони“ (Богородица) е блокиран за влез и излез поради штрајк на земјоделците.

На ГП „Дојран“ сообраќајот се одвива непречено, но поради зголемен интензитет има задржувања за влез во државата.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

