Македонија
Муцунски: Сите наши амандмани се одбиени за петтиот пакет-мерки
Нашите граѓани секојдневно губат работни места, голем број дејности се соочуваат со неверојатни тешкотии, сѐ повеќе компании се на границите на нивна ликвидност, а стотици семејства и поединци не успеваат да обезбедат минимум финансиски средства за свој опстанок, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМН, Тимчо Муцунски.
„И дури сѐ ова е дел од нашата реалност, наместо реализација на итна државна помош, сведоци сме на театарска претстава исполнета со секојдневни политички игри без граници. Напоменувам дека петтиот пакет економска помош од Владата до Собранието е доставен на 16 февруари. Без оглед на високиот степен на значење, собраниското мнозинство само од ним познати причини чекаше еден и пол месец да ги стави законите од тој пакет на дневен ред, а собраниската процедурата почна дури на 24 март.
Два месеца од денот кога законите се доставени до закокодавниот дом, собраниската Комисија за финансии и буџет предводена од ВМРО-ДПМНЕ во првиот можен момент ги создаде неопходните услови успешно да почне и да заврши комисиската расправа, но мнозинството повторно не закажува пленарна седница“, истакна Муцунски.
Тој додаде дека овој пакет економски мерки е недоволен и дека е изготвен без соодветна и доволна консултација со видни експерти и повеќето од засегнатите страни. Рече дека во текот на комисиската расправа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ предлагале да се предвиди директна поддршка за компаниите и граѓаните не само за февруари и март туку и за април и мај.
„Истовремено, поднесовме уште неколку конкретни амандмани, меѓу кои побаравме и помошта што им се дава на компаниите да биде неповратна. Морам да нагласам дека сите амандмани предложени од опозицијата беа одбиени. Уште еднаш го повикуваме парламентарното мнозинство на разумно, државничко, одговорно и ефикасно дејствување.
Во наведената насока апелираме уште денес да се закаже собраниската седница, на која, конечно, петтиот сет пакет мерки ќе станат реалност. Со таквиот чекор не само што ќе ја исполниме нашата пратеничка обврска за рационално и ефикасно дејствување туку истовремено ќе докажеме дека на најсоодветен начин работиме во најнепосреден интерес на граѓаните што безрезервно ни ја дале нивната доверба да ги претставуваме во овој дом“, порача Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

