Македонија
Муцунски со заменик помошникот државен секретар на САД, Касаноф: потврдена поддршката за напорите на Македонија во процесот на интеграција во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со заменик помошникот државен секретар на САД, Александар Касаноф – надлежен за регионот на Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски работи на американскиот Стејт Департмент, кој престојува во работна посета на Република Северна Македонија.
Во текот на средбата, Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на Соединетите Американски Држави за севкупните реформски процеси во земјата. Заеднички беше потврден интересот за одржување континуитет во политичкиот дијалог помеѓу двете пријателски земји преку редовна размена на посети и искуства, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и преку блиска соработка во рамки на НАТО.
Министерот го истакна фокусот на владата кон забрзување на евроинтегративниот процес и спроведување на реформи кои ќе обезбедат видливи придобивки за граѓаните, особено во делот на економскиот развој, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во тој контекст, беше нагласен интересот за унапредување на економската соработка и трговската размена со САД, како и за зајакнување на деловните врски меѓу двете земји.
Соговорниците разменија мислења и за актуелни теми од регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на клучните области како што се регионалната безбедност, економската соработка, доброто владеење и демократијата.
Касаноф ја потврди силната поддршка на САД за напорите на Северна Македонија во процесот на интеграција во ЕУ и ја истакна одличната соработка во рамките на НАТО Алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

