Македонија
Муцунски-Стенергард: потврдена поддршката за македонската интеграција
Во рамки на посетата на Стокхолм, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски оствари средба со својот домаќин, министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Мариа Малмер Стенергард.
На средбата се разговараше за повеќе теми, вклучително и билатералните односи и можностите за продлабочување на соработката во различни области, со акцент на трговската и економската соработка, евроинтегративниот процес на државата, како и за актуелни регионални, европски и глобални прашања. Муцунски го потврди силното партнерство и пријателските односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност што Шведска е силен политички и билатерален партнер. Тој упати искрена благодарност за поддршката во евроинтеграцискиот процес на државата, како и до државата и шведскиот народ за брзата и одлучна реакција по пожарот во Кочани, кога дел од пациентите беа лекувани во Стокхолм.
Тој информираше и за реформските процеси во земјата, со посебен акцент на Планот за раст, реформата на правосудниот систем и имплементацијата на европските стандарди. Од страна на министерката Стенергард беше потврдена поддршката за македонската интеграција и принципиелната определба на Шведска за континуитет во политиката на проширување.
Министрите разменија мислења и за актуелните геополитички состојби во Европа и регионот на Западен Балкан. Во оваа насока, Муцунски нагласи дека Република Северна Македонија ќе продолжи да биде фактор што промовира добронамерен ангажман, стабилност, добрососедски односи, отворен дијалог и активна регионална соработка.
Во рамки на посетата, Муцунски оствари и средба со вториот заменик-претседател на шведскиот парламент – Риксдаг, Јулија Кронлиф. На средбата присуствуваше и Јусуф Ајдин, член на Комисијата за надворешни работи. Се разговараше за улогата на парламентарната дипломатија и беше изразено заедничко задоволство од од парламентарната соработка во повеќе области, како и од успешната реализација на проектот за демократски развој меѓу парламентите, кој веќе четири години придонесува за унапредување на соработката и размена на добри практики.
Министерот ги информираше соговорниците за најновите аспекти од евроинтегративниот процес и ја истакна важната улога на Шведска како принципиелен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Се разговараше и за безбедносната ситуација во Европа, при што беше подвлечена потребата од понатамошна поддршка за Украина и напори за постигнување траен и праведен мир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен, велат од „Вреди“
Артан Груби е црната кутија на ДУИ. Не е обичен поранешен функционер во куќен притвор, туку човекот што ги знае сите влезови и излези на системот што ДУИ го градеше со години. Тој е живата архива на една партиска шема што со години се штитела од јавноста. Кога црната кутија еднаш ќе падне во рацете на институциите, нема веќе простор за глума, ниту за митови. Почнува расплетот, велат од „Вреди“.
Според нив, Ккќниот притвор не е олеснување. Тоа е, како што велат, знак дека приказната влегува во фаза во која зборовите на ДУИ повеќе не важат, туку фактите.
„Институциите почнаа да ја копаат вистината што ДУИ со години ја закопуваше, како се кроеше моќта зад грбот на граѓаните и каде исчезнуваа парите. И токму затоа ДУИ денес е во паника.
Додека Артан Груби гледа телевизија дома, во ДУИ преовладува паничен напад од прв до последен. Тие не се плашат од мерката, туку од тежината на она што Груби го носи со себе. Бидејќи тој беше таму каде што се решаваше сè. Таму каде што се договараа работите „под маса“. Таму каде што се кроеше моќта и се делеа интересите.
Затоа стравот во Мала Речица не е случаен. Тоа е страв од моментот кога сенката на Али Ахмети ќе почне да зборува. Кога ќе почнат да излегуваат имиња, шеми и улоги. И кога ќе стане јасно дека Груби не е само товар за ДУИ, туку потенцијална искра што може да ја запали целата нивна конструкција“.
Ова, додаваат од коалицијата, не е крај. Според нив, ова е почеток на процес што може темелно да ја разниша конструкцијата изградена околу Али Ахмети.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.

